Одбележан приемот на осмата генерација слушатели во почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители (Demo)

Скопје, 11 мај 2022 година – Осмата генерација слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители (АСЈО), ќе брои 97 кандидати и е најбројната генерација која ќе ја следи обуката за идни судии и јавни обвинители од 2006 година. Директорката на АСЈО, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, во изјава за медиумите по одбележување на приемот на осмата генерација, рече дека во меѓувреме, во практичниот дел на наставата којашто е во тек учествуваат други 59 кандидати (седма генерација), за кои се надева дека кон крајот на ноември успешно ќе го положат завршниот испит и ќе ги пополнат местата кои во меѓувреме ќе се испразнат во судството и обвинителството.

 

 

– Овој тренд се надеваме како Академија дека ќе продолжи. Со оглед на големите потреби на македонското правосудство за судии и обвините, ќе треба повторно да имаме нови конкурси и нов испитен процес преку кој ќе имаме дополнителни нови генерации на судии и јавни обвинители, изјави Габер Дамјановска.

Директорката воедно даде одговор и во однос на забелешките на судиите и обвинителите дека обуката во АСЈО трае предолго. Според неа, должината на едукацијата се должи на проценката дека нема еднакво знаење на правните науки како резултат на сите факултети во државата.

– „Од таа причина ЕУ инсистира образовните активности во рамките на Академијата да бидат две години и ни ден помалку. Но, затоа наша работа e како Академија да водиме сметка за тоа во моментот кога почнува една генерација да овозможиме што побрзо тестирање за друга нова генерација, да следат континуирано, како не би се почувствувал вакум. Ова што сега го имаме како недостаток е резултат на отсуството на тестирања и прием во последните 5 до 10. Во последните неколку години тоа е интензивирано, но ние во моментот не можеме да го надоместиме она што е пропуштено пред 10-ина години,“ посочи Габер Дамјановска

 

На настанот присуствуваа високи претставници на правосудните институции во земјата, Владата на Република Сверна Македонија, и Дипломатскиот кор во Република Северна Македонија, претставници на релевантни домашни и странски институции.

Честитки за слушателите од говорницата на Врховниот суд до слушателите упатија и: проф. д-р Никола Тупанчевски, министер за правда на Република Северна Македонија, г-а. Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд на Република Северна Македонија, г. Љубомир Јовески, јавен обвинител на Република Северна Македонија, г. Антонио Јолевски, претседател на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и  м-р Селим Адеми заменик претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

 

 

Сите говорници во своите обраќања испратија позитивни пораки и ги потсетија слушателите дека овие две функции од нив ќе бараат голема одговорност доколку сакаат навистина да бидат успешни и да се развиваат во независни и професионални правни практичари кои ќе ја делат правдата во нашата држава, која ќе почива на највисоките меѓународни стандарди и европски принципи. Оценката за владеењето на правото и перцепцијата на граѓаните за правосудството се создава врз основа на нивните профили и од тие причини, професионалниот повик за кои се одлучиле ќе бара од нив да вложат максимален труд и знаење кое во континуитет ќе се надградува и унапредува.

Академијата е респектабилна институција која во изминатите 15 година покажа дека може да обезбеди квалитетни судии и јавни обвинители кои ќе се носат со секојдневните предизвици кои со себе ги носат овие функции.