„Права на заштита на податоци и приватност“

На ден 18 февруари 2020 година (вторник), со почеток во 11ч. во х. Мериот во Скопје, ќе се одржи средба за отпочнување на курсот „Права на заштита на податоци и приватност“. Курсот е организиран од страна на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, во соработка со Академијата за судии и обвинители, со поддршка на Советот на Европа и Европската унија.

Kурсот „Права на заштита на податоци и приватност“ е изготвен во рамки на Европската програма за образование за човекови права за правни професионалци во 28-те земји членки на ЕУ, позната и како „ХЕЛП во 28-те”, при што е издвоена посебна акција „ ХЕЛП во Западен Балкан“. Се работи за програма на Совет на Европа со методологијата на ХЕЛП, финансирана од ЕУ и Советот на Европа.

Главната цел на програмата ХЕЛП е да се обезбеди поддршка на државите-членки на Советот на Европа при имплементирање на Европската конвенција за човекови права на национално ниво, пред сè, преку едукација на судиите, адвокатите и обвинителите. Истовремено, се стекнуваат знаење и вештини во врска со примената на Повелбата за основни права на ЕУ и Европската социјална повелба. За таа цел се креирани разни курсеви, а материјалите за обука се изготвени од страна на меѓународни експерти.

Главните правни стандарди за правата на заштита на податоци и приватност се изработени од страна на Советот на Европа и Европската унија и се одразени во документи како Европската конвенција за човекови права, Повелбата за основните права во ЕУ, Општата регулатива за заштита на податоци и Конвенцијата за заштита на поединците во врска со автоматизираната обработка на личните податоци (или Конвенција 108+), кон која Р.С. Македонија пристапи во декември 2019 г. И двете правни рамки се изложени во курсот, заедно со најновата судска пракса на Европскиот суд за човекови права и Судот на правдата на Европската унија.

Овој курс е наменет за судии и адвокати. Имено, предвидено е да земат учество околу 40 адвокати и 10 судии. По завршување на курсот, судиите и адвокатите ќе добијат сертификати за успешно завршен курс.

На средбата за започнување на ХЕЛП курсот „Права на заштита на податоци и приватност“ ќе биде детално објаснет начинот на функционирање на курсот.

 

Агендата согласно која ќе се одвива средбата можете да ја преземете тука.