Реализирано советување посветено на темата: „ Надлежности на кривичен суд и јавниот обвинител со посебен осврт на условен отпуст, бришење на осуда и повторување на постапка“

1000039020

Во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, на 03 јули 2025 година беше реализирано советување посветено на темата: „Надлежности на кривичен суд и јавниот обвинител со посебен осврт на условен отпуст, бришење на осуда и повторување на постапка“, на кое учествуваа 37 учесници меѓу кои: судии од кривичните оддели од сите апелациони подрачја, јавни обвинители и стручни соработници.

На советувањето своите практични искуства и теоретски знаења со присутните ги споделија: г-а Фанка Јанчулева, судија на Основен кривичен суд Скопје, Лидија Зимбевска, судија на Апелационен суд Скопје и г-а  Елена Жакула, јавен обвинител на Јавно обвинителство Скопје.

Излагачите се осврнаа неколку поддтеми кои ја сочинуваа главната тема на советувањето како што се: надлежност на кривичниот суд – видови и гаранции, повторување на кривичната постапка – правни основи и практични предизвици, условен отпуст и бришење на осуда – ресоцијализација на осудени лица.

Говорејќи за најчестите предизвици и дилеми во пракса, вклучувајќи и одредени спорни одлуки, излагачите своите размислувања ги поткрепија со конкретни примери од судската пракса.

Практичната примена на легислативата при носењето на судската одлука покренува низа правни прашања и бара одговори на дилемите на правните професионалци, па оттука, разбирливо е што учесниците на ова советување покажаa голем интерес.

Учесниците на советувањето  посочија и одредени недостатоци во однос на моменталните законски решенија како што се: недоволна прецизност во одредени законски решенија за предлагање докази од оштетен на главна расправа, како и недоволна прецизност во законските решенија за бришење судска одлука посебно за бришење странски одлуки и бришење поединечни одлуки.

Воедно, учесниците отворено дадоа и свои предлози за успешно надминување на дел од недостатоците, преку: унапредување на меѓусебната координација во постапувањето помеѓу судија на претходна постапка, судечки совет, Кривичен совет, спроведување континуирана едукација и стручна размена кои се клучни за справување со новите предизвици во кривичната постапка, прецизирање на законските одредби за предлагање докази од оштетен во тек на главна расправа, изготвување на интерни упатства и ставови за спротивни и спорни одлуки, изработка на анализа од страна на Врховниот суд за воедначување на праксата кај клучни прашања поврзани со надлежноста и т.н.