Одржана обука за постапките за заштита од дискриминација и товарот на докажување

DSC_0463

На 21 октомври 2026 година, во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), се одржа обука на тема „Постапки за заштита од дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација и товар на докажување“, организирана од Академијата за судии и јавни обвинители.

Обуката беше наменета за судии од граѓанските оддели и стручни судски службеници, а ја спроведоа Лидија Димова, судија во пензија, и проф. д-р Жанета Попоска, офицерка за владеење на правото во Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во рамките на обуката, учесниците се запознаа со законската рамка и правните механизми за заштита од дискриминација, процесните правила во постапките за заштита, како и со специфичностите на товарот на докажување во споровите за дискриминација. Посебно внимание беше посветено на утврдувањето на дискриминацијата, прибирањето и оценувањето на доказите, обврските на странките и примената на правилата за префрлање на товарот на докажување. Преку анализа на судската практика и конкретни случаи, беа разгледани и можностите за практична примена на законските одредби, вклучително и користењето на нови доказни средства, како што е ситуационото тестирање.

Целта на обуката беше унапредување на знаењата и практичните вештини на учесниците за правилна примена на Законот за спречување и заштита од дискриминација, правилно утврдување на релевантните факти и оценување на доказите, како и разбирање на фазите на префрлање на товарот на докажување во судската постапка. Дополнително, обуката имаше за цел да придонесе кон усогласување на судската практика, унапредување на примената на меѓународните стандарди и обезбедување ефикасна судска заштита на правото на еднаквост и забраната на дискриминација.

Академијата за судии и јавни обвинители и во иднина ќе продолжи со организирање обуки и советувања за актуелни правни прашања, со цел континуирано унапредување на професионалните знаења и вештини на судиите и стручните судски службеници, јакнење на нивните капацитети и придонес кон ефикасно, квалитетно и доследно спроведување на правдата.