Заменик на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, м-р Илир Исени, учествуваше на Регионалната правосудна конференција на тема: „Од хартија до практика: Како реформите во правосудството да дадат резултати во предметите на организиран криминал и корупција“, која се одржа на 26 и 27 октомври во Будва, Република Црна Гора.

На конференцијата учествуваа високи претставници на судските и јавнообвинителските совети, судовите и јавните обвинителства, како и други практичари од правосудниот сектор од регионот на Западен Балкан. Главниот фокус беше ставен на разгледување на начините преку кои правосудните реформи можат да преминат од нивно формално усвојување во одржлива и ефикасна институционална практика.
Врз основа на наодите од Регионалниот проект за набљудување на судските процеси и неговата рамка за следење на имплементацијата на реформите, учесниците дискутираа за клучните предизвици кои се јавуваат во повеќе правосудни системи во регионот. Меѓу основните теми беа:
- Институционалната сопственост над реформите и обезбедувањето нивни континуитет;
- Суштинското и објективното мерење на напредокот на реформите;
- Транспарентноста и правичноста во постапувањето по предметите од висок јавен интерес;
- Динамиката и редоследот на поддршката за реформските процеси.
Преку размена на искуства и добри практики од целиот регион, конференцијата имаше за цел да идентификува практични пристапи кои ќе помогнат за подлабоко вкоренување на реформите во секојдневната работа, да направи јасна разлика помеѓу суштинските промени и формалното усогласување, како и да придонесе кон обликувањето и подоброто спроведување на идните реформски чекори.
Со своето учество на овој значаен настан, Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш ја потврди својата цврста заложба за континуирано унапредување на капацитетите на домашното правосудство и зајакнување на борбата против организираниот криминал и корупцијата.

