Во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, денес започна дводневната обука за зајакнување на координираните одговори насочени кон жртвите на насилство со фокус на насилство врз жените и девојчињата која се реализира со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Обуката е наменета за јавни обвинители, истражители и претставници на Министерството за внатрешни работи, со цел унапредување на нивните знаења и практични вештини за ефикасно, координирано, информативно и кон жртвите насочено постапување во случаите на насилството врз жените и девојчињата.
На отворањето на обука, меѓу останатите, а во име на Академијата за судии и јавни обвинители, поздравно обраќање имаше заменик-директорот на Академијата, судија, м-р Илир Исени, кој истакна дека насилството врз жените и девојчињата претставува сериозен општествен и правен предизвик, кој бара навремена, професионална и координирана реакција од сите институции во системот на кривичната правда.
„Ефективното постапување не се состои само во доследната примена на законските процедури, туку и во обезбедување на сеопфатен институционален одговор, кој истовремено ќе ја гарантира заштитата и достоинствениот третман на жртвите и ќе обезбеди соодветна одговорност на сторителите.“ – посочи заменик-директорот.
Во рамки на обуката особено внимание се посветува на подоброто разбирање на динамиката на насилството и влијанието на траумата врз жртвите, практичните аспекти на проценката на ризикот, документирањето на случаите и примената на заштитните мерки. Значаен дел од обуката е посветен и на комуникацијата и координацијата меѓу полицијата и јавното обвинителство, вклучително и на навременото споделување и проценување на релевантните информации и преземањето соодветни мерки.
Во своето обраќање заменик-директорот на Академијата, судија Илир Исени ја нагласи улогата на Академијата во континуираното стручно усовршување и јакнењето на професионалните капацитети на правосудните професионалци, при што ја истакна долгогодишната соработка со Мисијата на ОБСЕ во насока на унапредување на квалитетот и ефикасноста на системот на кривичната правда преку едукација и професионален развој. „Како Академија остануваме отворени за понатамошна соработка и заеднички активности насочени кон надградување на знаењата и практичните вештини на правните професионалци и унапредување на системот на кривичната правда“- додаде на крајот од своето обраќање заменик-директорот на Академијата.
Обуката се реализира денес, 22 септември, а продолжува и утре, 23 септември, со програмски сесии посветени на практичните аспекти на постапувањето во случаи на насилство врз жените и девојчињата.

