Во просториите на Апелационен суд Битола Академијата реализирше обука за новините во измените на Кривичниот законик

logo_asjo_

Измените во Кривичниот законик и усогласеноста со Истанбулската конвенција беа дел од темите на обуката која Академијата ја организраше денес (28 октомври 2025 година) во просториите на Апелациониот суд Битола, со наслов: Новините во измените на Кривичниот законик.

Обуката ја спроведоа:  Лиле Стефанова, јавен обвинител во Јавното обвинителство на РСМ и м-р Наташа Гоџоска, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, а истата беше наменета за судии од кривичните оддели, јавни обвинители и стручни соработници од судовите и обвинителствата од апелациониото подрачје Битола.

Целта на обуката е да се надминат проблемите во пракасата, кои настанаа со донесените измени во повеќе кривични дела со посебен акцент на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 од КЗ .

Како што истакнаа јавните обвинителки кои ја спроведоа обуката, истата ќе се фокусира на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик кое меѓу другото значи усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција.

Имено, истанбулска конвенција претставува регионален правен инструмент којшто дава основа за сеопфатна заштита на правата на жените. Овој мултилатерален меѓународен договор е отворен за потписи од страна на земјчи членки на Советот на Европа, земји кои не се членки на Совет на Европа, како и за меѓународни организации. Конвенцијата е усвоена од страна на Комитетот на министри на Совет на Европа на 7 април 2011 година, а за потписи се отворила на 11 мај 2011 година во рамки на 121 сесија на Комитетот на министрите при Советот на Европа, одржана во Истанбул, поради што истата го добила и називот „Истанбулска конвенција“. Конвенцијата стапи на сила со нејзината ратификација од страна на 10 земји членки на Советот на Европа. Нашата држава ја потпишала  Истанбулската конвенција на 8 јули 2011, а ја ратификувала со депонирање на инструментот за ратификација на 23 март 2018 година. Конвенцијата стапила на сила на 1 јули 2018 година.

Истанбулската конвенција се опишува како „златен стандард“ и „прв меѓу еднаквите“ во рамки на инструментите кои го третираат елиминирањето на насилството врз жените. Ова е поради фактот што конвенцијата претставува сеопфатен инструмент кој е правнообврзувачки и ги опфаќа сите форми на насилство на врз жената. Конвенцијата се потпира на разбирањето дека насилството врз жените и девојките навлегува во сите аспекти на општественото живеење и е одраз на нееднаквите односи на моќ коишто постојат меѓу мажите и жените. Во оваа смисла, за земјите кои ја ратификувале конвенцијата се наметнува стандардот на „должно внимание“, со кој се предвидуваат низа обврски за превенција, гонење на сторителите и спроведување на законодавни и други мерки на интегративна политика.

Во вториот дел од обуката фокусот беше ставен на анализа на измените на Кривичниот законик  од  септември  2023 година  објавени во Службен весник 188/23.