Академијата спроведе обука за „Видови тужби согласно Законот за трговските друштва“

DSC_0538

Академијата за судии и јавни обвинители на 10 ноември 2026 година, во просториите на Академијата, спроведе обука на тема „Видови тужби согласно Законот за трговските друштва“, наменета за судии и стручни соработници од граѓанските и трговските оддели од сите апелациони подрачја во државата.

Обуката ја спроведоа м-р Александар Шопов, судија на Апелациониот суд Скопје, и проф. д-р Марко Андонов, декан на Факултетот за правни науки при Универзитетот Американ колеџ Скопје.

На обуката беа обработени одделните видови тужби што произлегуваат од Законот за трговските друштва, со посебен акцент на тужбите за утврдување ништовност на друштво и ништовност на упис, тужбите за одговорност на членовите на органите на друштвото, содружниците и акционерите, како и тужбите за утврдување ништовност и побивање на одлуките на собирот на содружниците и собранието на акционерите. Во рамките на обуката беа разгледани и правните аспекти на исклучувањето и истапувањето на содружник, преку анализа на релевантните законски одредби и судската практика.

Целта на обуката беше унапредување на знаењата и практичните вештини на учесниците во однос на условите и постапката за остварување судска заштита преку различните видови тужби предвидени со Законот за трговските друштва. Посебен акцент беше ставен на процесните особености, правните последици и предизвиците во примената на законските одредби, како и на разгледувањето на спорните правни прашања и потребата од усогласување на судската практика, со цел обезбедување поголема правна сигурност и ефикасна заштита на правата и интересите на субјектите во трговските друштва.

Се очекува дека преку учеството на обуката, судиите и стручните соработници ги продлабочија своите теоретски и практични знаења за различните видови тужби согласно Законот за трговските друштва, се стекнаа со подобро разбирање на материјалноправните и процесноправните аспекти на нивната примена и ги унапредија компетенциите за правилно постапување и одлучување во споровите од областа на трговското право.

Имајќи ја предвид важноста на оваа материја и нејзиното значење за унапредување на квалитетот на судската заштита, Академијата за судии и јавни обвинители и во иднина ќе продолжи да обработува актуелни теми и прашања поврзани со примената на Законот за трговските друштва.