АСЈО ЗА ПРВПАТ СО СВОЈ ПРЕТСТАВНИК ВКЛУЧЕНА ВО НОВИОТ СОСТАВ НА СОВЕТОТ НА ИКТ ВО ПРАВОСУДСТВОТО

IMG-7558915cb91f617e05af64f409216883-V

Академијата за судии и јавни обвинители за првпат е вклучена во Советот на ИКТ во правосудството.

Имено, м-р Сања Пандилов, државен советник во АСЈО е една од 13 членови на новиот состав на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија (ИКТ) во правосудните органи, кој денес во просториите на Министерството за правда ја одржа својата  Конститутивната седница. Покрај Академијата, преку свој претставник за првпат е вклучен и НВО секторот, односно, за член на Советот е избрана и Александра Цветановска од Здружението на млади правници.

Денешната седница започна со поздравно обраќање на министерот за правда, Кренар Лога кој им посака успешна работа на членовите на новиот состав и изрази уверување дека ова е најдобриот тим во државата кој ќе може професионално да одговори на сите предизвици. Во своето обраќање тој истакна дека ова е состав кој ќе ја следи имплементацијата на Стратегијата за ИКТ во правосудството и Акцискиот план, ќе ги дефинира и имплементира мерките и активностите за дигитализацијата на правосудството, ќе учествува во подготовка на закони, други правни акти и ќе презема мерки од областа на примената на ИКТ во правосудните органи.

Функцијата  претседател на Советот е доделена на јавниот обвинител Влатко Милошевскик, а за негов заменик е назначен судијата на Апелациониот суд Гостивар, Даут Рустеми.

Во составот на овој совет се и: судијата на Врховниот суд на РСМ, д-р Шпенд Деваја; Јелена Колева Догазанска член на Совет на јавните обвинители; шефот на ОЈО за организиран криминал и корупција, Ислам Абази; јавната обвинителка Ирина Трајкоска Стрезоска од Вишо јавно обвинителство Битола; претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев; судијата на Основен суд Штип, Ѓорѓи Андонов; Анита Андоновска од Судскиот совет на РСМ,  Сања Димовска, Министерство за правда на РСМ и Наим Ферати од МИОА.

Мандатот на членовите на овој Совет трае 2 години.