Работен состанок на директорот на Академијата, проф.д-р Габер Дамјановска и г-а Кристина Бунеа, офицер за правна заштита на УНХЦР и г. Тихомир Николовски, национален советник во УНХЦР (Demo)

Денес (26 октомври 2020 година), во просториите на Академијата, директорот на Академијата, проф.д-р Наташа Габер Дамјановска, одржа работен состанок со г-а Кристина Бунеа, офицер за правна заштита на УНХЦР и г. Тихомир Николовски, национален советник во  УНХЦР.

На состанокот беа разгледани идните можности за продолжување на соработката помеѓу Академијата и УНХЦР која треба да се реализира преку организација на низа настани посветени на правото на бегалците, азилот и миграцијата со што ќе се влијае на усовршување на знаењата и вештините на правните практичари на нашата земја по однос на споменатите теми.

Академијата и УНХЦР ги разгледаа можностите за спроведување на обуки во кои ќе бидат вклучени странски судии кои постапуваат во случаи на азил, но кои ќе доаѓаат од држави кои имаат правни системи слични на нашниот правен систем.

Исто така, во рамките на III модул – Меѓународно и право на ЕУ за теоретска настава да се организираат предвања за азил на почетно ниво за слушателите на почетната обука на Академијата.

Во однос на јавните обвинители, Академијата и УНХЦР предвидоа организирање на обуки посветени исклучително само за нив, но во рамки на тие обуки да се организираат и обуки за обучувачи, кои ќе се стекнат со стручна подготовка и со знаења кои подоцна ќе ги пренесат на своите колеги преку спроведување на обуки кои тие ќе ги држат.

Новонастаната состојба со пандемијата ја наметна се поголемата употреба на виртуелните платформи, односно, голем број од активностите се реализираат онлајн, па во таа носка, Академијата ќе добие пристап до курсевите кои се постирани на страната на УНХЦР на кои ќе можат да се пријавуваат националните судии и јавни обвинители. Со оглед на тоа дека курсевите се на англиски јазик, беше разгледана можноста за некои од нив да се обезбеди соодветен превод.

УНХЦР во рамки на своите активностите ќе го поддржи процесот на создавање на Е-библиотека на Академијата, а истовремено ќе обезбеди и линк за платформата ЗООМ со што истата ќе може да се користи подолго од 45 минути.

Воедно, на работниот состанок се разгледа и можноста, за учество на национални судии во настаните кои се организираат од страна на Меѓународното здружение на судии за азил.

Офицерот за правна заштита на УНХЦР, на денешниот состанок потврди дека во рамките на предвидените активности ќе биде донирана и соодветна опрема за техничка поддршка за работата на Академијата.

Академијата и УНХЦР имаат потпишано меморандум за соработка и како дел од активностите согласно овој меморандум до денес се реализирани голем број на активности кои се во насока на унапредување на ефикасноста на правосудството на нашата земја.