Заменик директорот на Академијата, судија Илир Исени, учествуваше на конференцијата за „Подобрување на односите меѓу судовите и медиумите: научени лекции, преземени чекори и идни предизвици“ (Demo)

Заменик директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, судија Илир Исени, учествуваше на конференцијата за  Подобрување на односите меѓу судовите и медиумите: научени лекции, преземени чекори и идни предизвици, која се одржа на 28 и 29 септември 2021 година со физичко присуство во хотел „Александар Палас“, Скопје, како и онлјан преку платформата ZOOM. Конференцијата ја организираа Судско-медиумскиот совет на Република Северна Македонија, Здружението на судиите на Република Северна Македонија и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

Во своето излагање на панел дискусијата на тема: “Стратегија за подобрување на судско-медиумските односи“, заменик директорот се осврна на суштинската соработка на Судско-медиумскиот совет со Академијата за судии и јавни обвинители, притоа задржувајќи се на трите основни точки и тоа: поставеноста на Академијата за судии и јавни обвинители во правосудниот систем на Република Северна Македонија; соработката со институциите во РСМ, со посебен акцент на Меморандумот за соработка со Судско-медиумскиот совет; и предизвиците од соработката помеѓу овие две институции.

На крајот од своето излагање, заменикот директор, судија Исени ги изнесе и своите заклучни согледувања по однос на темата:

  1. АСЈО како комплексна и значајна институција во правосудниот систем на Република Северна Македонија, преку своето дејствување како институција која организира обуки и за транспарентноста на судството, несомнено дека успешно ќе продолжи да ја остварува улогата на “мост“ помеѓу судството и медиуми,

 

  1. Меморандумот за соработка склучен помеѓу АСЈО и СМС, со цел афирмирање на заедничките заложби за транспарентно, независно и самостојно судство, судство со интегритет и доверба кај граѓаните, треба да се развива во инструмент кој ќе продолжи да ги промовира наведените вредности, за да истите бидат препознаени од пошироката јавност односно општеството, и

  1. Добрите практики кои ќе се развијат во текот на соработката меѓу АСЈО и СМС да бидат водилка и пример за нивните идни соработки со останатите сродни домашни и странски институции, организации, здруженија и фондации.