Работен состанок на заменикот директор на Академијата, судија Ilir Iseni, со г. Roman Prah, регионален координатор, Инцијативата за владеење на правото на Американската адвокатска комора (ABA ROLI) (Demo)

Денес (25 февруари 2022 година) во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители заменик директорот на Академијата, судија Илир Исени оствари работен состанок со г. Roman Prah, регионален координатор, Инцијатива за владеење на правото на Американската адвокатска комора (ABA ROLI) и г-ѓа Катерина Николова, застапник на канцеларијата на ABA ROLI во Република Северна Македонија.

Работниот состанок се одржа на иницијатива на претставниците на ABA ROLI, со цел презентирање на тренинг модулите за водење на финансиски истраги од страна на разузнавачките служби, поточно за презентирање на Водичот во пет чекори на ABA ROLI, заради идентификување на потребите на поединечни институции во однос на финансиските истраги, одредување на потенцијални партнери за развивање и реализирање на обуки за финансиски истраги, како и разгледување на можностите за вклучување на други партнери и донатори со кои би се организирале заеднички обуки од областа на финансиските истраги.

Заменик директорот на Академијата, судија Илир Исени накратко ја презентираше структурата на Академијата, ги запозна со нејзината дејност и круцијалната улога која ја има во во процесот на почетна подготовка на идните судии и јавни обвинители, како и во континуираното професионално доусовршување на избраните судии и јавни обвинители преку Програмата за континуирана обука.

Претставниците на ABA ROLI истакнаа дека планираат да спроведат серија на обуки наменети за истражителите на финансиски криминал (МВР, Државен завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Финансиската полиција, Царинската управа) и јавните обвинители во насока на унапредување на нивните вештини во однос на водењето на овој вид истраги, обезбедувањето на соодветни извори и употреба на низата разузнавачки капацитети во спроведувањето на финансиските истраги.

Заменикот директорот на Академијата, судијата Исени, истакна дека Академијата има добра соработка со ABA ROLI во чии рамки, во минатото се реализирани низа едукативни настани, па оттука, и во иднина ABA ROLI може да смета на поддршката на Академијата како нејзин иден партнер, во насока на реализацијата на обуки кои ќе бидат од значење и интерес за унапредувањето на правосудниот систем во Северна Македонија.