Претставници на Центарот за правосудна обука на Кралството Холандија во посета на Академијата за судии и јавни обвинители

Денес (16 август 2021 година) претставници на Центарот за правосудна обука на Кралството Холандија, г-а Anne Tahapary, менаџер за обуки и за меѓународни активности и г. Tonnie Hulman, проектен менаџер остварија работна посета на Академијата за судии и јавни обвинители.

Имено, тие ќе престојуваат во Скопје до 20 август 2021 година пришто ќе остварат средби со вработените на Академијата, избрани судии и јавни обвинители од редот на Академијата, посебно оние кои работат на случаи поврзани со слободата на изразување и човековите права, а целта е да се запознаат со правосудниот систем на Република Северна Македонија, работата и организацијата на Академијата, како клучна институција задолжена за продуцирање на нови кадри за судии и јавни обвинители и доедукација на судиите и јавните обвинители во Северна Македонија.

            Првиот работен состанок се одржа со директорот на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дајмановска. Во рамки на состанокот директорот на Академијата накратко ги воведе во правосудниот систем на Северна Македонија, а потоа ја презентираше организациската поставеност на Академијата. Таа исто така, го објасни и начинот на кој функционира Академијата, нејзиниот делокруг, како и начините на кои се реализираат програмите за почетна и континуирана обука. Директорот на Академијата ги информираше претставниците на Центарот за правосудна обука од Кралството Холандија дека Академијата има воспоставено континуирана, повеќегодишна и навистина обемна меѓународна соработка во чии рамки одлично соработува и со Амбасадата на Кралството Холандија. Странските искуства се многу значајни за унапредување на едукативните процеси кои ги спроведува Академијата, а со тоа и за унапредувањето на вештините и знаењата на судиите и јавните обвинители во Северна Македонија, посебно за Правото на ЕУ.

            По средбата со директорот на Академијата, претставниците од Центарот за правосудна обука одржаа работна средба и со заменик директорот на Академијата, Илир Исени, со кого освен за работата на Академијата, нејзината улога во правосудниот систем на Република Северна Македонија и размената на искуства помеѓу Академијата и Центарот за правосудна обука на Кралството Холандија, разговараа и за улогата на претседателите во судовите во Северна Македонија, обуките наменети за претседателите на судовите кои ги организира Академијата, улогата на лицата задолжени за односи со јавност во судовите како и за судско-медиумскиот совет, како тело на Здружението на судиите на Северна Македонија заради подобрување на комуникацијата на судиите и новинарите.

Од одржаните состаноци се очекува да произлезе реализација на идни заеднички едукативни настани кои ќе значат збогатување на содржината на програмите за почетна и контунирана обука.