Започна реализацијата на тридневната обука за компјутерски криминал и дигитални докази за слушателите на почетната обука во Академијата (Demo)

Денес (1 јуни 2021 година) започна реализацијата на тридневната обука за компјутерски криминал и дигитални докази наменета за слушателите на почетната обука во Академијата која ја организираат Академијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Со воведно обраќање обуката ја отвори директорот на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, која ја истакна важноста на темата на која ќе се говори денес, посебно поради фактот дека темата се реализира во моментот кога слушателите на почетната обука во рамки на теоретската настава го следат вториот модул кој е посветен на Кривичното право, со кој меѓу другите содржини опфатена е и темата за компјутерски криминал. Проф.д-р Габер Дамјановска се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ за досегашната соработка и поддршка на активностите на Академијата со надеж дека истата ќе продолжи со ист интензитет и во иднина.

 

 

Пристуните ги поздрави и г-а Мариа Авело Мартинез, шеф на Одделот за владеење на правото, Мисија на ОБСЕ во Скопје, која рече дека придобивките  од развојот на ИТ технологијата се од големо значење за унапредување на квалитетот на животот но истовремено се во полза и на развојот на криминалот. Компјутерскиот криминал не познава граници и постојано го следи растот на информатичката технологија, па затоа е важно јавните обвинители, истражителите, судиите и сите релевантни страни да бидат запознаени со овој вид на криминал, но и со начинот на кој се прибавуваат дигиталните докази.- додаде г-а Авело Мартинез. За крај, таа упати благодарност до Академијата, и изрази задоволство од досегашната успешна соработка која ќе продолжи и во иднина.

Обуката која ќе заврши на 3 јуни 2021 година ќе се реализира низ 6 сесии во кои ќе се обработуваат теми како што се: вовед во информатичката технологија и дигиталните докази, истражни техники, електронски докази, претреси и заплени, видови компјутерски криминал, Конвенцијата од Будимпешта за компјутерски криминал и националното законодавство, економијата и подземјето и меѓународна соработка. Темите ќе ги презентира експертот Мајкл Џејмисон од Обединетото Кралство кој има долгогодишно искуство во областа.

По завршување на обуката, слушателите ќе се стекнат со сертификат за учество.