Учество на директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска на Меѓународниот самит за дигитализација на судството, на тема ,,Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата на судството” (12-14 јуни 2022 година, Охрид) (Demo)

Денес (понеделник, 13.06.2022 г.), се реализира вториот ден од  Меѓународниот самит за дигитализација на судството,  на тема ,,Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата на судството”, на кој присуствува и директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска.

Самитот се одржува во Охрид, во период од 12-14 јуни 2022 година,  под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски, а домаќин е Министерството за правда, во соработка со ОБСЕ.

Истовремено со предвидените панел дискусии, на самитот се одржуваат и работилници на теми поврзани со дигиталната трансформација.

Меѓу реномираните панелисти на конференцијата, на 14 јуни 2022 година, обраќање ќе има и директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, и тоа на тема„Научени лекции и добри практитки од судењата за време на пандемијата и нужност од обуки“,  со фокус на правната рамка и потребните предуслови за обука и одржливост.

Со овој настан се очекува размена на искуства и информации за примена на ИКТ во правосудството, имајќи предвид дека дигиталната трансформација на правосудниот сектор во Република Северна Македонија е во почетна фаза. Главната цел е запознавање на претставниците од правосудството со предностите и можностите што ги опфаќа процесот на дигитализација, како и подобра информираност и мотивирање за користење на целокупната опрема, софтвер и други дигитални алатки во текот на своето работење.