Реализирана обука на тема: ,, Законитост на притворот и обезбедување на процесни гарaнции за притворени лица” (Demo)

На ден 6 декември 2021 година, Академијата за судии и јавни обвинители во соработка и со финансиска поддршка на Совет на Европа реализираше еднодневна обука посветена на член 5 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на законитоста на притворот и и обезбедување на процесните гаранции за притворени лица.

Обуката се реализираше во просториите на Академијата почитувајќи ги сите препораки и мерки на Владата на Република Северна Македонија за заштита, спречување и ширење на вирусот КОВИД 19 и на истата учествуваа судии и јавни обвинители. Имајќи ја предвид ситуацијата со глобалната пандемија, настанот се одржа со ограничен број на присутни.

Со поздравен говор до присутните се обратија проф.д-р Наташа Габер Дамјановска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители и г-ѓа Лејла Дервишагиќ, раководител на оперативно работење, Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје, кои се заблагодарија на сите присутни за учеството. Беше истакнато дека Европската конвенција за човекови права, судската практика на институциите во Стразбур и степенот на успешност со кој се има соочено системот на Конвенцијата при обезбедувањeто и почитувањето на фундаменталните права на  земјите-членки на СоЕ се теми кои привлекуваат најмногу коментари и анализи, особено поради проблемите кои сéуште постојат.

 

 

 

Во денешно време ЕСЧП во Стразбур многу често донесува одлуки за прекршувања од страна на државите на нивните обврски кои произлегуваат од меѓународното право за човековите права на ЕКЧП. Сепак, нотирано е дека суверените држави во повеќето случаи ги почитуваат пресудите донесени од Судот.

За поимот на лишување од слобода согласно член 5 од ЕКЧП зборуваше г-ѓа Елена Јовановска Брезоска, раководител на Одделението на Југоисточна Европа, која ги наведе факторите кои го детерминираат поимот лишување од слобода наспроти ограничување на движење. Г-ѓа Јовановска Брезоска даде примери на предмети кои се анализираа во првата сесија за определување на поимот лишување од слобода согласно праксата на ЕСЧП и предмети поврзани со должината на притворот во истражна постапка.

 

 

Презентирајќи  значајни пресуди на ЕСЧП со  фокус на предметите против Северна Македонија, г. Симеон Петровски, виш правен советник, Европски суд за човекови права даде примери на предмети во кои се утврдени релевантните и доволни причини за притвор. На обуката свое излагање имаше и г. Христијан Коневски, правен советник, Европски суд за човекови права кој зборуваше за правата на приведените лица при прегледување на законитоста на притворот. Г-ѓа Мирјана Лазарова Трајковска, судија на Врховниот суд во РСМ даде преглед на судската практика на Врховниот суд во РСМ во врска со притворот, а се осврна на перспективите и разните прашања и предизвици кои го засегаат судството.

За предизвиците и прашањата поврзани со извршувањето на пресудите на ЕСЧП досудени против Северна Македонија во врска со притворот зборуваа г-ѓа Бојана Николин, раководител на одделение во Секторот за извршување на пресудите на ЕСЧП и г-ѓа Даница Џонова, владин агент на Северна Македонија пред ЕСЧП.

 

 

Во овој дел од обуката, учесниците активно учествуваа во дискусијата од која произлезе како заклучок потребата од континуирана анализа на донесните пресуди од страна на ЕСЧП. Исто така, беше потенцирана потребата од почесто користење на постоечкиот Прирачник за примена на мерката пртивор, како помошна алатка за судиите и јавните обвинители во кривичната постапка, чија цел е да ја елаборира клучната улога на мерката притвор во кривичната постапка и да даде насоки за нејзина успешна примена  во согласност со домашните и меѓународните правни стандарди и почитувањето на човековите права.

Исто така беше посочено дека е потребно од  страна на повисоките судови да ги воедначат ставовите во поглед на начинот на кој ќе се постапува во иднина,  а во своите одлуки националните судови да се повикуваат на пресудите и праксата на ЕСЧП,  се со цел да имаме доследна и целосна примена на ЕСЧП.

На крај, беше истакната и важноста на заедничката меѓуинституционална соработка преку одржување на повеќе средби и обуки поврзани со оваа тема.