Прв состанок на Правосудната управувачка група во рамките на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија (Demo)

На 25.02.2022, во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Скопје се одржа првиот состанок на Правосудната управувачка група во рамките на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија (2021-2026) која се спроведува во соработка со ДЦАФ – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор.

На состанокот со кој претседаваше директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, покрај претставниците на ДЦАФ, г-дин Марк Ремилар, г-ѓа Теодора Фујор и г-дин Кире Бабаноски активно учество зедоа и Претседателката на Судскиот совет на Северна Македонија, г-ѓа Павлина Црвенковска, Претседателот на Здружението на судии, г-дин Џемали Саити, претставникот од Министерството за правда, г-дин Никола Прокопенко и претставници на донаторите/развојните партнери во Програмата, како набљудувачи.

Врз основа на потпишаниот Договор за соработка за континуирана соработка со ДЦАФ на 18 ноември 2021 година, дијалогот во оваа управувачка група ќе придонесе кон зајакнување на судската компетентност и капацитет за одобрување на инвазивни методи за собирање информации, со што ќе се зголеми независноста на судството во Република Северна Македонија.

На состанокот се разговараше за досегашните постигнувања, напредокот во спроведувањето на програмските активности, тековните развивања и насоките за годишниот план за спроведување на програмските активности во сегментот на правосудството. Исто така, членовите разменија информации за реформите во правосудниот сектор, случувањата и приоритетите кои се релевантни за Програмата и се разговараше за тоа како тие можат да бидат интегрирани или опфатени со Програмата.