Интерактивна практична работилница „Спроведување на мерките за следење на комуникациите“ (Demo)

На 04.03.2022 година во Маврово, Академијата за судии и јавни обвинители во рамките на соработката со ДЦАФ Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор ја спроведоа третата од серијата пет интерактивни практични работилници на тема „Спроведување на мерките за следење на комуникациите“.

Оваа работилница беше наменета за судиите и јавните обвинители од апелационото подрачје Гостивар, како и за претставници од МВР, Царинската управа и Финансиската полиција кои се вклучени во процесот на спроведување на посебни истражни мерки.

Работилницата ја водеа обучувачи од Академијата и правни практичари кои учествуваа во создавањето на Прирачникот за спроведување на мерките за следење на комуникациите (достапен на интернет страницата на Академијата на македонски, албански и англиски јазик). Работилницата беше спроведена откако претходните два дена под водство на искусни меѓународни и локални експерти, обучувачите ги подготвуваа материјалите и интерактивните вежби кои беа користени во текот на работилницата.

Серијата работилници се спроведува во рамките на ДЦАФ имплементираната „Програма за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026)“.