Академија за судии и јавни обвинители: 15 години една од најзначајните алки на правосудниот систем во Северна Македонија (Demo)

Со свечен прием и многубројни гости од правосудството, Владата, дипломатскиот кор, домашни и меѓународни институции и невладини организации, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ синоќа ја одбележа 15-годишнината од основањето на оваа институција.

Оваа образовна институција основана во 2006 година во изминатите 15 години се етаблираше како една од најзначајните алки на правосудниот систем во Северна Македонија, создавајќи кадри кои придонесуваат за унапредување на реформските евроинтегративни процеси во земјата, јакнење на третиот столб на власта и вградување на основните принципи на владеење на правото и човековите права.

Настанот го отвори директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер – Дамјановска, која истакна дека оваа институција од основањето воведе нов концепт на независна селекција за прием и задолжителна обука на идните судии и обвинители, но и задолжителна понатамошна континуирана обука на овие кадри. Зборувајќи за историјатот на Академијата, многубројните соработки со релевантни домашни и странски институции и организации, како и за развојот на меѓународната соработка, таа потенцираше дека правосудните академии имаат сериозна и одговорна мисија да работат со актуелните и идни професионални човечки ресурси за постигнување на независно, непристрасно, високопрофесионално и ефикасно вршење на судиската и јавнообвинителската функција.

Нашата држава се наоѓа во фаза на прогресивен демократски  развој кога судството треба да обезбеди баланс помеѓу легитимитетот, независноста и отчетноста и да ја заслужи почитта и довербата на јавноста во правосудниот систем, а секако дека Академијата игра една од клучните улоги во постигнување на таа рамнотежа. Треба да ги направиме сите институционални усилби да успееме да стигнеме до таа цел бидејќи позитивната промена е крајниот резултат на секоја вистинска едукација. И понатаму да ги негуваме и градиме нашите државни институции, да го славиме прогресот, искуството, младоста и иднината – истакна директорката Габер – Дамјановска во своето поздравно обраќање.

 

 

На присутните на свечениот настан им се обрати и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој истакна дека Назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите мора да биде целосно деполитизирано и да се врши според транспарентни процедури и објективни критериуми, втемелени врз системот на заслуги.

“Токму во тоа ја гледам улогата на Академијата за судии и јавни обвинители која има клучна улога во процесот на подготовка и континуирано професионално усовршување на судско-обвинителските кадри. Сегашните и идни судии и обвинители треба да ги владеат не само традиционалните правни области. Современиот свет се соочува со нови субјекти и нови односи што стануваат предмет на правната наука и пракса, како што се информатичките технологии, сајбер просторот, па и правните дилеми што произлегуваат од непредвидени состојби, како што е пандемијата со КОВИД-19. Тука е и корпусот на европското законодавство што допрва ќе треба целосно да го транспонираме во нашиот правен систем. Академијата истовремено придонесува и за градење на културата на отпорност кон корупција, политички влијанија и злоупотреба на судската и обвинителската функција. Најважната задача на оваа институција е да избере поединци со морален компас, со висок личен и професионален интегритет и чувство на одговорност, кои ќе бидат целосно посветени на правото и правдата. Од издржаноста на нивните пресуди ќе зависи дали македонските граѓани ќе веруваат дека правдата е можна. А, враќајќи ја довербата во правосудството, вие ја враќате правната сигурност и предвидливост неопходни за идниот економски и општествен развој на државата.“

 

На свечениот настан се обрати и мининстерот за правда на Северна Македонија, Бојан Маричиќ според кого Академијата за судии и јавни обвинители е единствена гаранција дека во правосудството ќе влезат најдобрите кадри. Тука Академијата ја игра најважната улога. Таа е храм на образованието во правосудниот систем, изворот на квалитетни и стручни судии и јавни обвинители и единствена гаранција дека во правосудството ќе влезат најдобрите кадри. Но, може да се каже и дека е појдовна точка за целокупниот правосуден систем со значајна улога на чувар на достоинството и кредибилитетот на судиите и јавните обвинители. Академијата и понатаму останува единствена точка за влез во судството и јавното обвинителството, каде судиите и јавните обвинители во континуитет добиваат стручно усовршување на теоретските и практичните знаења според однапред подготвени програми, дизајнирани според потребите на целните групи. Ова е формулата која носи квалитет во правосудниот систем и продуцира кадри на судии и обвинители кои покрај домашното законодавство, ја знаат и применуваат Европската Конвенција за човекови права и слободи, законодавството на ЕУ и други меѓународни стандарди.“

 

 

Покрај Габер – Дамјановска, претседателот Пендаровски, на присутните на настанот им се обратија и претставници на судската власт: претседателот на Врховниот суд, заменик претседателот на Судскиот совет, но и Јавниот обвинител на РСМ и претседателот на Советот на јавните обвинители. На настанот свое обраќање имаа и амбасадорите на: ЕУ Делегацијата во Северна Македонија, Амбасадата на САД во Северна Македонија, Амбасадата на Франција во Северна Македонија, Амбасадата на Германија во Северна Македонија, како и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и претставничката на УНХЦР во Северна Македонија, кои го истакнаа големото значење на Академијата за развојот и унапредувањето на правосудниот систем во земјава. Сите тие во своите обраќања ја потврдија својата поддршката за Академијата и во иднина.

 

 

Досега почетната обука на Академијата за судии и јавни обрвинители ја завршија 6 генерации со вкупно 130 кандидати, од кои 66 извршуваат судиска функција, а 64 јавнообвинителска. Интересот за запишување на оваа Академија континуирано расте, така што во моментов 59 лица од седмата генерација го следат практичниот дел од почетната обука, а следната година ќе почнат обуките и на осмата генерација слушатели на Академијата. Академијата посветено работи на подобрување на квалитетот на обуката нудејќи нови наставни методологии, модерни алатки и современи техники на обука, ставајќи поголем акцент на праксата наспроти теоријата и e-learning модули. Истовремено, му овозможува дополнителни обуки и на наставниот кадар, унапредување на наставните материјали и евалуација на ефикасноста на обуката, со цел уште повеќе да го унапреди едукативниот процес.

Свечениот настан за одбележување на 15-годишнината на Академијата за судии и јавни обвинители го поддржаа Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ГИЗ и УНХЦР.

Во рамките на свечениот настан беше пуштено и видео, посебно изготвено за овој настан кое во 10 минути ги сублимираше почетоците на Академијата за судии и јавните обвинители преку обраќањата на дел од луѓето кои се вклучени во основањето на оваа институција.