Заменик на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, М-р Илир Исени, учествуваше на завршната конференција на проектот „Пристап на жените до правда во Западен Балкан“ во Стразбур

Untitled 4

Заменик на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, М-р Илир Исени, учествуваше на завршната конференција на проектот „Пристап на жените до правда во Западен Балкан“, која се одржа на 13 и 14 октомври 2026 година во Стразбург, Франција.

Проектот „Пристап на жените до правда во Западен Балкан“ е имплементиран од страна на Советот на Европа, а кофинансиран од Европската Унија во рамките на програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“. Оваа значајна иницијатива директно ја поддржува примената на меѓународните стандарди за родова еднаквост и борбата против насилството врз жените низ целиот регион.

Настанот на едно место ги собра судиите, јавните обвинители, претставниците на институциите за правосудна обука, локалните и меѓународните експерти, како и претставниците од Групата експерти за борба против насилството врз жените и домашното насилство (GREVIO).

Во рамки на пленарните дискусии и специфичниот формат на тркалезни маси („World café“), учесниците од Западен Балкан и Источното партнерство ги разгледаа постигнатите резултати, разменија знаења и ги потврдија стандардите на Советот на Европа како клучни мерила за оцена на напредокот во градењето на родово сензитивно правосудство. Особено високо беше оценета менторската програма на проектот наменета за судии и јавни обвинители, која се покажа како трансформативен инструмент за подобро разбирање на реалноста со која се соочуваат жените кои бараат правда.

По завршувањето на работниот дел, заменик на директорот М-р Илир Исени во својство на член зеде активно учество на состанокот на Управниот комитет (Steering Committee). Во рамки на дискусијата со претставниците на правосудните академии од регионот, М-р Исени даде конкретни предлози за обезбедување на долгорочна одржливост на резултатите од проектот преку три клучни насоки: Задолжително вметнување на темата за родово сензитивно правосудство во наставните програми на Академијата (почетна и континуирана обука); Продолжување на успешно поставената менторска програма и нејзино проширување со цел да се опфатат сите активни судии и јавни обвинители во земјата; и, Преминување од национален фокус кон координиран регионален пристап (regional-based focus approach) со цел воедначување на добрите практики на ниво на цел Западен Балкан.

Со учеството на овој настан и предложените чекори, Академијата за судии и јавни обвинители ја потврдува својата цврста заложба за одржување на напредокот и континуирано унапредување на капацитетите на домашното правосудство за обезбедување еднаков, правичен и родово сензитивен пристап до правдата за сите граѓани.