Заменик на директорот на Академијата, М-р Илир Исени, учествуваше на завршната конференција од третата фаза на Хоризонталниот инструмент на ЕУ и Советот на Европа за Западен Балкан и Турција (HF III), што се одржа на 6 и 7 октомври 2026 година во Тирана

Untitled s

Заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа, насловена „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ (Хоризонтален инструмент III), претставува иницијатива за соработка што се спроведува во периодот од 2023 до 2026 година. Програмата опфаќа активности во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција. Таа им овозможува на корисниците да ги исполнат своите реформски агенди во областите на човековите права, владеењето на правото и демократијата, како и да се усогласат со европските стандарди, што претставува приоритет во процесот на проширување на ЕУ.

Во текот на изминатата деценија, партнерството меѓу корисниците од Западен Балкан и Турција, од една страна, и Европската Унија и Советот на Европа, од друга, ги претвори амбициите во дела и донесе трајни промени за институциите, професионалците и заедниците.

Оваа соработка во рамките на програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција (HF III)“ – која моментално ја завршува својата трета фаза – беше главна тема на регионалната конференција одржана на 6 и 7 октомври 2026 година во Тирана. На неа беа препознаени постигнувањата во унапредувањето на владеењето на правото, демократијата и човековите права, со посебен осврт на клучните реформи насочени кон подобрување на функционирањето на правосудните системи, зајакнување на институциите за борба против корупцијата, заштита на ранливите групи и унапредување на слободата на медиумите.

На оваа конференција, Академијата за судии и јавни обвинители беше претставувана од заменик на директорот, М-р Илир Исени, кој за време на работните сесии активно учествуваше на третата сесија, фокусирајќи се на промовирање на борбата против дискриминацијата и заштита на правата на ранливите групи.

Во текот на оваа сесија, заменикот на директорот, М-р Илир Исени, во своето излагање се осврна на најголемите предизвици при спроведувањето на активностите на оваа програма и поуките кои треба да ја обликуваат идната поддршка на Академијата. Тој истакна:

„Академијата се соочи со следните три предизвици: првиот и најзначаен предизвик е преминот од познавање на правните стандарди кон нивна доследна примена во секојдневната работа на судиите и јавните обвинители; вториот голем предизвик е институционализацијата на програмата во рамките на официјалните наставни програми; и третиот предизвик се однесува на обезбедување доволно време и ресурси за решавање на отворените системски прашања, особено недостигот на родово разграничени податоци во правосудството.“

Во продолжение, тој ги истакна поуките и насоките за во иднина:

„По однос на првиот предизвик, одличните законодавни рамки сами по себе не се доволни за да гарантираат промена, бидејќи традиционалните, апстрактни правни обуки не успеваат да ги променат длабоко вкоренетите судски навики. За да се премости овој јаз во спроведувањето, идната поддршка мора да даде приоритет на континуирани, интерактивни и практични интервенции – како што е програмата за менторство. По однос на вториот предизвик, во иднина клучна цел е да се одржи оваа алатка – програмата за менторство, и да се прошири нејзиниот опфат на сите активни судии, јавни обвинители и тековни слушатели/кандидати во правосудните академии. За последниот предизвик, правосудните институции мора да изградат капацитети за препознавање на родово заснованите бариери и пречки. Градењето на овие капацитети останува од суштинско значење и бара насочена поддршка од меѓународните донатори за да се надминат сериозните ограничувања во однос на ресурсите и структурните недостатоци.“

Воедно, тој дополни:

„Од клучно значење е да се следи ефективноста и ефикасноста на правосудниот систем надвор од рамките на чистите квантитативни показатели. Ова подразбира премин од едноставно броење на учесниците на обуки кон воведување показатели што ги одразуваат вистинските промени во практиката – како што се обрасците на постапување по предметите, пристапот до правни лекови, доследната примена на релевантните стандарди, квалитетот на судското образложение, заштитните мерки и крајните исходи за жените.“

Настанот заврши со дискусија за главните приоритети на четвртата фаза од програмата „Хоризонтален инструмент“, чиј почеток се очекува на почетокот на 2027 година. Таа ќе обезбеди зајакната рамка за континуирана соработка меѓу Европската Унија, Советот на Европа и земјите корисници, со фокус на консолидирање на клучните достигнувања, справување со преостанатите празнини во реформите и поддршка на приоритетите утврдени од самите корисници, кои имаат директно влијание врз животите на луѓето.