Заменик директорот на Акдемијата, Илир Исени присуствуваше на дискусијата за Нацрт – Извештајот во сенка за Поглавје 23 за периодот октомври 2021- септември 2022 година

DSC_0800-Large

На 25 ноември 2022 година во хотел „Панорамика Дизајн и Спа“ – Скопје се одржа дискусија за Нацрт – Извештајот во сенка за Поглавје 23 за периодот од октомври 2021 – септември 2022 година во организација на Европскиот институт за политики ЕПИ во рамки на проектот: „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“, кој е финансиран од Европската унија.

Главната цел на проектот е да помогне во креирањето на одржливи реформи за владеење на правото во насока на пристапувањето во ЕУ.

Дискусијата беше организирана со цел да се прикажат и дискутираат клучните наоди од Извештајот во сенка за Поглавје 23 за периодот 23 октомври 2021 година- септември 2022 година.

На овој настан беа поканети претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за правда, правосудниот систем, граѓанскиот сектор од областа на правото, академската фела и независни експерти како и претставници на Делегацијата на ЕУ.

Со поздравни обраќања на присутните им се обратија д-р Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика и г-а Фросина Тасевска, државна советничка во Министерството за правда.

Во текот на дискусијата, а во поглед на сегментот кој ја засегаше Академијата свое обраќање имаше и судија Илир Исени, заменик директорот на Академијата, кој што истакна дека наодите во Нацрт – Извештајот се коректни, бидејќи Академијата за судии и јавни обвинители сеуште е единствената точка за влез во судството и јавното обвинителство во Република Северна Македонија, а тоа е нотирано и во Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година од страна на Европската Комисија, со јасна препорака АСЈО повторно да остане единствена точка за влез во судството и обвинителството, но и да се обезбеди фер и транспарентен пристап кон овие професии. Во оваа насока, е потребно што поскоро да се донесе новиот Закон за АСЈО, кој се наоѓа во Собраниска процедура, но за чие донесување очигледно е дека треба да има дијалог и консензус помеѓу сите политички партии кои се дел од Собранието на РСМ, бидејќи само преку дијалог и консензус може да се донесе не само овој закон туку и сите останати закони. Во однос на почетната обука, во средината на месец декември 2022 година се очекува да се спроведе завршниот испит за 59-те слушатели кои се дел од 7-та генерација на слушатели на почетната обука во Академијата, и по успешното полагање на испитот, истите ќе се стекнат со статусот кандидати за судии и јавни обвинители и во зависност од огласите за избор на судии односно јавни обвинители кои треба да се објават од страна на Судскиот Совет односно Советот на јавни обвинители на РСМ, ќе се овозможи пополнување на испразнетите места во основните судови и основните јавни обвинителства во РСМ.

Во своето обраќање, заменик директорот се осврна и на спроведувањето на Програмата за континуирана обука, за проблемите кои се однесуваат на кадровската и техничката доекипираност, како и за обезбедувањето на соодветни просторни услови, кои се многу важни во однос на унапредувањето на квалитетот на обуки кои ги спроведува Академијата. Исто така се осврна и на буџетот на АСЈО, како и за потребата за избор на директор на Академијата, имајќи предвид дека изборот на директор не беше извршен во летниот период, и со тоа се испушти добра прилика Академијата да биде користена како позитивен пример во однос на континуитетот во менаџирањето на оваа значајна институција во правосудството.

Заклучоците и препораките кои произлегоа од оваа дискусија ќе бидат вметнати во конечната верзија.