Академијата за судии и јавни обвинители и ИПА Проектот ,,Поддршка на реформите во правосудниот сектор’’ реализира советување за успешно менаџирање-раководство, комуникација и нови конкретни менаџерски и административни задачи, 24-25 август 2020 година

Денес (24 август 2020 година), во хотел „Инекс Олгица“, Охрид, Академијата за судии и јавни обвинители во рамки на соработката со ИПА Проектот„Поддршка на реформите во правосудниот сектор“, финансиран од Европската унија  започна со реализација на дводневно советување посветено на правосудниот систем на Република Северна Македонија кое се однесува на успешното менаџирање со судовите и јавните обвинителства, почитувајќи ги сите препораки и мерки на Владата на Република Северна Македонија за заштита, спречување и ширење на вирусот КОВИД 19.

На советувањето присуствуваат судии, јавни обвинители и стручни соработници од судовите и јавните обвинителства.

Настанот го отвори судијата Рајнер Девил, тим лидер на ИПА Проектот кој го изрази своето задоволство од големиот интерес за учество на настанот и покрај состојбата на пандемијата со која се соочуваме. Настанот е дизајниран како советување со присуство и активна вклученост на учесниците, имајќи предвид дека со овој пристап се постигнуваат подобри резултати.

Со поздравен говор до присутните се обрати и проф.д-р Наташа Габер Дамјановска, директор на Академијата, која се заблагодари на сите присутни и истакна дека организирањето на ова дводневно советување е врз основа на резултатите на процена на потребите за обука што судиите и јавните обвинители ги изразија на претходните советувања за менаџирање а воедно е и надоврзување на истите советувања. Според неа, потребата за успешното менаџирање со јавните обвинителства и судовите, подразбира ефикасен и ефективен правосуден систем. Од начинот на кој се управува и менаџира со овие институции зависи колкава ќе биде довербата и каква ќе биде перцепцијата на јавноста за целокупниот правосуден систем.

Во таа насока, директорот на Академијата, проф. д-р Габер Дамјановска, упати повик до сите, активно да учествуваат, да ги споделат дилемите и проблемите со кои се соочуваат во рамките на своето секојдневно професионално функционирање. Идејата за ова советување се заснова врз поддршката на правосудството во следењето на новите трендови, исполнувањето на новите задачи и, преку успешното раководење, стекнување на довербата на граѓаните и постигнување подобра ефикасност и подобрување на независноста и отчетноста.

Претседателот на Апелационен суд Гостивар, г. Шефајет Хајдари во своето обраќање до присутните се заблагодари на сите присутни, на Академијата и ИПА Проектот за можноста да се дискутира на една многу значајна тема кој ја засега судската и јавнообвинителската професија. Ефективното лидерство се заснова врз идеи, но тоа нема да се реализира ако тие идеи не им се соопштат на останатите на начин што ги ангажира доволно за да постапуваат како што лидерот сака да постапуваат. Иако се чини дека треба да се биде роден лидер, тоа не точно, секој може да научи да стане лидер преку подобрување на определени вештини.

На советувањето се обрати и г. Ристо Бојаџиски, јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Штип кој се осврна на практичниот аспект во начинот на менаџирањето со обвинителствата, лидерските стилови и вештини и комуникациските вештини. Мисијата на судиите, јавните обвинители и администрацијата е да ги пренесат пораките на судот/обвинителството и да им покажат на граѓаните дека правосудството игра крајно важна улога во нивните секојдневни животи.  Основните принципи на добрата комуникација што ќе имаат позитивно влијание врз работатаа на судовите и јавните обвинителства и ќе ги подобрат нивните резултати се отворените и редовни состаноци што се засновааат врз внимателно слушање и соодветни реакции. Улогата на и мотивацијата од раководството се особено важни, бидејќи преку личен пример треба да покаже како треба да се комуницира и како да се искористат информациите за подобрување на резултатите на институцијата.

Претседателите на судовите и јавните обвинители на јавни обвинителства имаат важна улога и во одржувањето и развивањето на односите со другите тела и институции преку кои може да ги идентификуваат најдобрите практики за управување со судовите и обвинителствата.

Вториот дел од советувањето продолжува  на 25 август 2020 година.