Учество на заменикот на директорот на Академијата, судија Илир Исени на XX Советување од кривично-правна област на тема: “Дваесет години кривично законодавство во Босна и Херцеговина – достигнувањата во реформите?“, која се одржа во Неум, Босна и Херцеговина (Demo)

Во организација на Здружението на судии на Федерација на Босна и Херцеговина, а во соработка меѓу останатите и со Центарот за едукација на судии и обвинители на Федерација на Босна и Херцеговина и Центарот за едукација на судии и обвинители на Република Српска, од 01 до 04 јуни 2022 година, во Неум, Босна и Херцеговина, се одржа XX Советување од кривично-правна област на тема: “Дваесет години кривично законодавство во Босна и Херцеговина – достигнувањата во реформите?“, на која учествуваше судија Илир Исени, заменик на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија.

 

 

На советувањето присуствуваа преку 400 учесници од цела Босна и Херцеговина, како и од регионот, и тоа судии од сите инстанци, обвинители, претставници на меѓународната заедница, невладини организации, претставници на Министерството за правда, како и претставници на академската заедница во БиХ.

 

 

На ова советување беа обработени преку триесет теми, а посебен фокус беше ставен на одземањето на имотната корист прибавена со кривични дела, корупцијата на високо ниво, заштитата на сведоците и оштетените во кривичната постапка, заштитата и правата на жртвите од трговија со луѓе и положбата на жртвите согласно праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како и други важни теми.

Заменикот на директорот на  Академијата, судија Илир Исени, активно учествуваше во текот на сесиите и панел дискусиите кои се одиваа во текот на Советувањето, а посебно за казнената политика, како и корупцијата и организираниот криминал од високо ниво.

Во дебатата која се разви на сесијата за казнената политика, заменикот на директорот истакна дека во Република Северна Македонија кон крајот на 2014 година беше донесен Законот за одредување на видот и одмерувањето на висината на казната, со кој се сакаше да се спроведе унапредување и воедначување на судската практика на судовите. Но, овој Закон не само што не доведе до постигнување на зацртаните цели, туку придонесе за напуштање на начелото на слодободно судиско убедување и уверување, како значајни елементи на судската независност. По повод поднесена иницијатива од адвокат и по сопствена иницијатива на Уставниот суд беше поведена постапка за оценување на уставноста на овој закон, како и на членот од Кривичниот законик, па со Одлука У.бр.169/2016-1 од 16.11.2017 година на Уставниот суд на РМ, овој закон, како и членот од КЗ на РМ, беше укинат во целост, поради причините наведени во образложението на истата одлука. Исто така, истакна дека земјите во регионот треба да го имаат предвид искуството на Северна Македонија, особено при воедначување на судската практика на судовите, секогаш да се внимава на балансот кој треба да се постигне помеѓу правно незадолжителните упатства, од една страна и начелото на слодободното судиско убедување и уверување, од друга страна.

Во дебатата на панел дискусијата за корупцијата и организираниот криминал од високо ниво, заменикот на директорот истакна дека на ова тема се јавува едно логично прашање: дали проблемот се наоѓа во кривично-правниот систем или во судиите односно судството? Кога се зборува за кривично-правниот систем, се мисли на тоа дали системот е адекватен за откривање и гонење на корупцијата на високо ниво или истиот е политизиран и заробен во интерес на владеачките политички партии. На пример, во РСМ, некои високи функционери успеаја во одредени кривични постапки да ја избегнат одговорноста преку искористување на законските прописи за одлагање на судските расправи и тоа се додека на истече законскиот рок за застареност. Додека, кога се зборува за судиите, се мисли на тоа каде е нивниот интегритет, независност или одговорност и тоа дали истите се спремни да ги применуваат законите како што се напишани, или за некоја услуга за “возврат“ чекаат да бидат промовирани во повисоки судови.

 

 

Во текот на настанот, заменикот на директорот на Академијата оствари неформални средби со судии на Уставниот суд на БиХ, судии на Врховниот суд на Федерација БиХ и на другите судови во БиХ, претставници на Здружението на судии на Федерација БиХ, директорите на Центрите за едикација на судии и обвинители на Федерација БиХ односно Република Српска, претставниците на Центарот за обука во судството и јавното обвинителство на Црна Гора, со постојаниот правен претставник на Министерството за правда на САД, претставници на УСАИД Мисијата во БиХ, и многу други учесници на настанот, на кои им беа презентирани целите, улогата, функционирањето и најважните активности на Академијата за судии и јавни обвинители.