Учество на заменикот на директорот на Академијата, судија Илир Исени на Правната Конференција во организација на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје (Demo)

Во организација на Правниот факултет при Универзитетот на Југоистична Европа во Скопје, на ден 08.06.2022 година беше одржана Правна конференција, на која учествуваше и судија Илир Исени, заменик на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители.

 

 

Со воведен говор пред присутните се обратија проф. Др. Аднан Јашари, Декан на правниот факултет при УЈЕ, проф. Др. Беса Арифи, проректор за истражување и меѓународни односи и судија Илир Исени, заменик на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители.

 

 

Во својот воведен говор, заменикот на директорот на Академијата, судија Илир Исени, истакна дека Академијата и Правниот факултет при УЈЕ имаат успешна соработка, а доказ за тоа е и неодамнешната посета на која заедно со директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска се заложија за интензивирање на оваа соработка во чии рамки ќе се придонесе за јакнење на правосудниот систем на Северна Македонија преку реализација на заеднички активности. За Академијата, како институција која е единствената влезна врата во судството и јавното обвинителство во Северна Македонија, соработката со правните факултети ширум земјата е од особено значење, бидејќи целта на ова институција е селекција на најдобрите студенти од овие факултети, кои по завршување на студиите и се разбира, по исполнување на законските услови, како и успешно полагање на примениот испит, ќе го продолжат своето усовршување на Академијата. Инаку, во моментот во Академијата, програмата за почетна обука – теоретска настава ја следат 97 слушатели кои ја соочинуваат осмата генерација, а воедно и најбројната досега од основањето на Академијата, на што сме исклучително горди.

 

 

Понатаму, истакна дека улогата на Академијата во правосудниот систем има големо влијание во реформскиот процес во правосудството и оттука, навистина му е драго што присуствува на оваа правна конференција, на која присутните ќе имаат можност да дебатираат и да слушнат нешто повеќе за директното и вкрстеното испрашување, кои бараат посебни вештини се со цел еден судски процес да има ефикасна и ефективна судска завршница. Во тој контекст посочи и дека од досегашната пракса на Академијата во спроведувањето на програмите за почетна и континуирана обука, презентирањето на реални случаи е еден од поуспешните методи за усвојување на нови знаења и надминување на проблемите со кои се соочуваат правните професионалци во својата секојдневна работа и токму тој концепт е застапен на оваа конференција. За крај, на сите им посака успешна работа и плодна дебата.

Во дебатата која се разви во текот на конференцијата, а во врска со перцепцијата на јавноста за судството, заменикот на директорот на Академијата истакна дека добиените податоци од анкетите спроведени од страна на невладините организации треба внимателно да се користат, бидејќи недовербата на судството директно или индиректно значи и недоверба во Академијата, ако се зема предвид фактот дека последните години Академијата е единствената институција каде се подготвуваат и од каде се пополнуваат слободните судиски односно јавнообвинителски места во првостепените судови односно основните јавни обвинителства во Северна Македонија.

 

 

На оваа правна конференција учествуваа професори од УЈЕ, судии, јавни обвинители, адвокати, студенти како и слушатели од 7-та генерација на Академијата, кои споделија примери од праксата во врска со директното и вкрстеното испрашување во кривичната постапка.