Tринеделната посета на г-а Anouk Lecomte, кандидат на Државната правосудна академија, Бордо, Р. Франција (Demo)

Во рамките на активностите кои се предвидени со меморандумот за соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Амбасадата на Република Франција во Република Северна Македонија, во периодот од 07 февруари до 25 февруари 2022 година, г-а Anouk Lecomte, кандидат на Државната правосудна академија, Бордо, Р. Франција, го реализираше својот стаж во Република Северна Македонија.

Стажирањето во надворешни странски правосудни институции е пракса на Државната правосудна академија на Република Франција, а целта е кандидатот да се запознае со правните системи на другите земји.

Во таа насока, Академијата подготви посебна Агенда адаптирана на интересите и правните области кои се значајни за г-а Anouk Lecomte во чии рамки беа реализирани низа посети на релевантни правосудни институции каде имаше можност да се запознае подетално со нивната организациска поставеност и секојдневната работа, пришто преку поединчени средби со судиите и јавните обвинители од Република Северна Македонија, како и со претставниците на останатите релевантни институции во Република Северна Македонија да размени практични искуства и да го запознае начинот до кој граѓаните во земјата ги остваруваат своите права.

Првите два дена од своето стажирање г-а Anouk Lecomte преку работни средби со дел од вработените се запозна со работата на Академијата, нејзината организациска структура, како и нејзината улога во правосудниот систем на Република Северна Македонија. Исто така, таа имаше можност да се запознае и да размени искуства со кандидатите од седмата генерација слушатели на Прогрмата за почетна обука во Академијата.

Во рамките на останатите денови, Академијата за судии и јавни обвинители земајќи ги во предвид нејзините професионални интереси во чии фокус беше кривичното право организираше работни средби и посети на Апелациониот суд Скопје, Основниот суд Скопје 1 Скопје, но исто така, во насока на подобра презентација на правосудниот систем на Република Северна Македонија и на Основниот суд Скопје 2, каде покрај средбите со судиите таа присуствуваше и на судења, и тоа, како во кривичниот суд така и во граѓанскиот суд. Во рамките на посетата г-а Lecomte ги посети и Основното јавно обвинителство Скопје и Вишото јавно обвинителство Скопје каде на средбите со јавните обвинители разговараше за примената на одредбите од Закон за кривичната постапка. Покрај посетата на судовите и јавните обвинителства во Скопје, г-а Lecomte присуствуваше на обука која Академијата ја организираше во соработка со Проектот ЈУФРЕКС „Слобода на изразување и слобода на медумите“ која претставува и заедничка иницијатива на ЕУ и Совет на Европа, а кој се одржа во Охрид.

Работни средби г-а Lecomte имаше и со претставниците на Адвокатската Комора на Република Северна Македонија, каде можеше да размени искуства со адвокатите во поглед на односот помеѓу адвокатите, судиите и јавните обвинители пришто повторно во фокусот беше примената на одредбите на Закон за кривичната постапка. Покрај средбата со адвокатите, таа оствари работна посета и во Комората на извршителите, каде и беше презентирана работата на Комората, надлежностите на извршителите, начинот на постапување, поточно, извршувањето согласно законот за извршителите и останатите релевантните закони.  Согласно Агендата, кандидатот од Државната правосудната академија, оствари работни средби и со претставниците на канцеларијата на Народниот правобранител на Република Северна Македонија, како и со претставниците на Министерството за правда и Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП, каде се запозна со надлежносите на овие институции, нивната струкутра, нивната улога во правосудниот систем на Република Северна Македонија пришто беше посочена и соработката на овие институции со Академијата за судии и јавни обвинители која има големо значење во создавањето на европскиот профил на судиите и јавните обвинители и унапредувањето на нивните знаења.

Имајќи в предвид дека во фокусот на интересот на г-а Anouk Lecomte беше заштитата на животна средина, Академијата и овозможи средби и размена на мислења со преставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Државниот инспекторат за животната средина, како и со претставници на Министерството за внатрешни работи од Секторите за меѓународна полициска соработка и Крим-полиција.

Заклучоците од остварените работни средби кандидатот од ЕНМ ги сумираше и дискутираше со директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска во рамки на последниот ден од нејзината посета. Директорот на Академијата изрази задоволство што се повеќе кандидати од правосудната академија на Франција изразуваат интерес да се запознаат со правосудниот систем на Северна Македонија, а тоа секако во голем дел се должи и на потпишаниот меморандум помеѓу Академијата и Амбасадата на Република Франција во Северна Македонија, во чии рамкии се афирмираат двете академии.

Во знак на благодарност директорот на Академијата на кандидатот од ЕНМ му додели и благорадница.