Реализирано советување за менаџирање со судовите 29.06.2020 година хотел „Мериот“, Скопје (Demo)

Денес (29.06.2020 година), Академијата за судии и јавни обвинители во соработка и со финансиска поддршка го реализираше советувањето посветено на менаџирање со судовите, на кое присуствуваа членовите на Судскиот совет, претседателите на судовите од сите инстанци, раководните судски службеници, претставници на Судскиот буџетски совет и претставници на релевантни државни институции.

 

 

Со воведно обраќање кон пристните настанот го отвори: судијата Рајнер Девил, тим лидер на Проектот ИПА „Реформи во правосудниот сектор“ на ЕУ кој изрази благодарност за големиот интерес за темата која е можеби и најважна за создавање на независен, самостоен, професионален и ефикасен правосуден систем. Тој ги потврди заложбите на Европската унија во обезбедување на експертска помош во насока на унапредување на вештините и знаењата на судиите во Република Северна Македонија. Судијата Рајнер Девил, посебно се заблагодари на директорот на Академијата, за посветеното работење на Академијата и за успешната реализација на предвидените проектни активности.

Веднаш по излагањето на судијата Рајнер, на присутните им се обрати директорот на Академијата, проф.д-р Наташа Габер Дамјановска, која на почетокот изрази благодарност до сите кои пристигнаа во хотел „Мериот“ за да бидат дел од овој настан, како и оние кои се приклучија онлајн преку платформата ЗООМ. Директорот на Академијата нагласи дека менаџирањето со судовите е многу значајно за подобрување на перцепцијата на судовите во јавноста, како и за креирање на поефикасен правосуден систем. Проф.д-р Габер Дамјановска, го потенцираше значењето на соработката помеѓу сите релевантни институции, како еден од основните елементи врз кои Академијата го заснова концeптот на своите обуки како начин кој овозможува поефикасна размена на искуства. Во оваа прилика таа ги повика присутните да земат активно учество на настанот и да ги изложат проблемите и дилемите кои произлегуваат од нивната секојдневна работа, се со цел истите да се идентификуваат и да се понудат позитивни решенија.

Претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија се надоврза на излагањето на директорот на Академијата, и во своето обраќање истакна дека градењето на независен и професионален правосуден систем се заснова на добро менаџирање со судовите. Клучен момент за добро функционирање на судството е обезбедување на нивна поголема независност и самостојност- истакна г. Здравев. Судскиот совет ги следи состојбите во судството и како тело кое ја гарантира независноста и самостојноста не само на судовите, туку и судиите, Судскиот совет ја оценува работата и одговорноста на судиите. Во своето излагање претседателот на Судскиот совет, подвлече дека водењето на квалитетна постапка е еден од критериумите на кои Советот при оценувањето на судиите посветува посебно внимание. Тој исто така, им се обрати и на раководните судски службеници, на кои им порача да го научат судскиот деловник и доследно да го применуваат, бидејќи доколку се прават грешки поради непознавањето на деловникот, тогаш, се провлекуваат и други грешки во целиот судски систем. Претседателот, г. Здравев се заблагодари на судијата Рајнер Девил, за неговата досегашна поддршка на судскиот систем со чија помош се надгради нормативната функција на Судскиот совет на Република Северна Македонија. Тој истакна дека во рамки на Стратегијата за реформи во правосудството од 2017 година донесени се два важни закони, односно измени и дополнување на Законот за судовите и Закон за Судскиот совет. Според новиот Закон за Судскиот совет сега може секој да поднесе барање за одговорност на судијата и за разлика од 2017 година во изминатата година поднесени се многу повеќе барања за утврдување на одговорност на судиите. За крај, претседателот на Судскиот совет истакна дека во перспектива треба да се реализира проширување и унапредување на капацитети на Академијата, поради нејзината клучна улога во создавање на професионални, самостојни и независни судии и јавни обвинители.

Поздравно обраќање имаше и д-р Џемаил Саити, судија на Врховен суд на Република Северна Македонија и претседател на Задружението на судиите на Република Северна Македонија. Говорејќи од позиција на претседател на Здружението на судиите, д-р Саити, ги образложи заложбите на Здружението во унапредувањето на перцепцијата на јавноста и довербата која ја имаат кон судството. Тој се согласи со своите претходни соговорници дека менаџирањето со судовите е клучно за делење на ефикасна и ефективна правда. Лидерството во судовите е подеднакво важно за независноста на судиите, затоа Здружението на судиите презема низа активности во насока на унапредувањето на менаџирањето со судовите и јакнење на лидерските способности на претседателите на судовите.  Претседателот на Здржението на судиите, повика на целосно апсорбирање на можностите и средствата кои ги нудат странските партнери преку своите проекти во нашата држава, бидејќи тоа е најдобриот начин да се стекнат добри практики и да се унапреди правосудниот систем на нашата земја.

Претседателот на Основниот суд Кавадарци, д-р Лазар Нанев кој воедно беше и модератор на настанот, со своето обраќање го заокружи делот со воведните обраќања. Во своето обраќање тој се осврна на организацијата на судовите, улогата на претседателите на судовите во процесот на менаџирање и предизвиците со кои се соочуваат. Како што истакна д-р Нанев, во моментов треба да се стави акцент на напуштање на неконвенционалниот традиционален пристап. Потребно е да се прифатат промените кои се резултат на брзиот развој на ИТ технологијата. Дигитализацијата денес е реалност, а придобивките се големи. Според него, потребни се промени кои ќе бидат во согласност со европската легислатива и во чекор со глобалните движења, за што изрази надеж дека токму Европската унија, Советот на Европа и други релевантни тела и институции ќе го поддржат овој процес и ќе го помогнат унапредувањето на правосудниот систем во Република Северна Македонија.