Реализирана регионална конференција за обучувачи за Слободата на изразување 31 мај -1 јуни 2022 година, Драч, Албанија Хибриден формат

Заедничкиот проект на Европската Унија/Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Југоисточна Европа (ЈУФРЕКС)“ има за цел да ја унапреди слободата на изразување и слободата на медиумите во Југоисточна Европа во согласност со европските стандарди. Тековниот проект е дел од „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ и е цврсто поврзан со шесте проекти во земјите кориснички: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

На Регионалната конференција за обучувачи (судии, јавни обвинители и адвокати) за слободата на изразување учествуваа правни професионалци чии капацитети како обучувачи се изградени во рамки на Проектот, а со цел придобивки да имаат нивните соодветни институции.

Секоја земја учесничка на оваа конференција имаше своја презентација за конкретните достигнувања во областа на слободата на изразување. За остварените резултати во оваа област во Северна Македонија, на конференцијата говореше г. Лазар Сандев, адвокат, предавач на Академијата за судии и јавни обвинители, а воедно и обучувач за слобода на изразување, кој своите вештини ги надгради во рамките проектните активности на прокетот ЈУФРЕКС 1 и ЈУФРЕКС 2.

Имено, Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија е еден од клучните партнери со кои се реализира овој проект и активно партиципира во сите активности, преку ЈУФРЕКС 1, а сега и ЈУФРЕКС 2. Главната придобивка за Академијата е да создаде што е можно поголем број обучувачи за слобода на изразување од редот на судиите и јавните обвинители кои потоа своите стекнати знаења успешно ќе ги пренесат на своите колеги, но и на слушателите во рамките на почетната обука Академијата. За да се постигне оваа цел, Академијата во континуитет ја освежува својата база на обучувачи, со тоа што обезбедува обука на нови правни практичари кои откако ќе ги поминат обуките ќе станат вешти обучувачи. Воедно, во рамките на овие активности Академијата тесно соработува со Адвокатската комора на Република Северна Македонија, кои исто така се дел од ЈУФРЕКС 2 и учествуваа на оваа конференција.

Конференцијата во Албанија, имаше за цел да ја подигне свеста за слободата на изразување и на истата да се разговара за тековните трендови и случувања во делот на заштитата на слободата на изразување на ниво на Европа и во регионот, истовремено обезбедувајќи платформа за размена на искуства и гледишта од поединечна перспектива на секоја од земјите кориснички.

На првата сесија, се разговараше за развојот на европското правно поле на слободата на изразување. По воведниот говор за правните аспекти за заштита на слободата на изразување во вонредни состојби, се говореше за најновите случувања во судската пракса и поставувањето на стандардите на европско ниво.

На втората сесија, беа презентирани и се дискутира шест значајни студии на случаи од поновата судска пракса во регионот, со цел зајакнување на еден заеднички пристап и разбирање на одговорите на заканите по слободата на изразување и покрај разликите во домашните правни системи.

Со воведни обраќања почетокот на конференцијата го одбележаа Патрик Пенинкс, шеф на Одделот за информациско општество, ГД1, Совет на Европа и Виктор Драгутан, програмски менаџер, Медиумско и граѓанско општество, DG Near, Европска комисија и Франсоа Тулкенс, судија емеритус во Европскиот суд за човекови права. По однос на темите излагања имаа истакнати правници од Своет на Европа, Европската комисија, судии, обвинители и адвокати од ЕУ и регионот.

Реализацијата на конференцијата им овозможи на обучувачите на ЈУФРЕКС од регионот да ги споделат нивните искуства и мислења, да ги унапредат и зајакнат меѓусебните размени и да се согласат за следните чекори и заедничката поддршка кон подобрена судска заштита на слободата на изразување во регионот, сѐ во насока на продолжување на проектите за Слободата на изразување во рамки на Хоризонталниот инструмент III.