Потпишан меморандум за соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Центарот за обука и правосудни студии(SSR) на Кралството Холандија (Demo)

Денес (10 мај 2022 година) во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, директорката на Акaдемијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска и директорот на Центарот за обука и правосудни студии (SSR) на Кралството Холандија, г. Иво Бломарт под покровителство и во присуство на амбасадорот на Кралството Холандија во Северна Македoнија, Н.Е. Дирк Јан Коп потпишаа меморандум за соработка.

Со овој меморандум ќе бидат реализирани активности со кои ќе се зајакнат институционалните капацитети на Академијата се со цел да се обезбеди повисок квалитет во спроведувањето на обуките наменети за судиите и јавните обвинители, но и за слушателите во почетната обука на Академијата.

Согласно меморандумот предвидени се студиски посети на SSR како и размени на експертски искуства во насока на унапредување на работните процеси на Академијата.

Директорката на Академијата, проф. д-р Габер Дамјановска, се заблагодари на континуираната поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Северна Македонија и истакна дека Академијата и SSR имаат успешно воспоставена соработка во чии рамки и во минатото се реализирале низа активности кои се од значење за судиите и јавните обвинители. Изрази надеж дека со реализацијата на содржината од овој меморандум ќе биде постигната основната цел, а тоа е јакнење и унапредување на Академијата за судии и јавни обвинители.

Н.Е. Амбасадорот  Дирк Јан Коп, ја поздрави оваа иницијатива за соработка и потпишувањето на овој меморандум. Кралството Холандија ќе остане и понатаму силен поддржувач на правосудството со цел успешно спроведување на реформските процеси. Тоа значи дека Кралството Холандија ќе продолжи и во иднина да ја поддржува Академијата во нејзините напори да обезбедува обуки кои ќе ги задоволат потребите на судиите и јавните обвинители, но и останатите правни практичари. „Интересот на Холандија е едноставен, и посакуваме стабилност и просперитет на земјата, и да ја видиме во ЕУ“- додаде Н.Е. Дирк Јан Коп.

 

За директорот на SSR, г. Бломарт соработката со Академијата е многу важна и според него, двете институции преку размена на искуства можат да учат едни од други и да изнаоѓаат позитивни решенија со кои ќе се унапредат методите и техниките за спроведување на квалитетна правосудна обука.