Одржан работен состанок на директорот на Академијата, проф.д-р Наташа Габер Дамјановска со претставници од ЕУ Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ (Demo)

Денес (20 април 2021 година) во просториите на Академијата со почеток во 11:30 часот, директорот на Академијата, проф.д-р Наташа Габер Дамјановска и државниот советник, м-р Сања Пандилов одржаа работен состанок со тим лидерот на ЕУ Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, м-р Мојца Кузмички и експертот за компонентата 1, г. Урош Матијашевиќ.

Имено, Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ е дел од поголемата акциска програма опфатена во акцискиот документ ИПА II 2020, финансиран од ЕУ и се спроведува од страна на Австриската агенција за европска интеграција и економски развој (AEI), Министерството за правда и јавна администрација на Република Хрватска, Министерството за внатрешни работи на Република Австрија и Институтот за основни човекови права „Лудвиг Болцман“.

Проектот има за цел да го поддржи владеењето на правото во согласност со европските и меѓународните стандарди. Проектот е поделен на четири компоненти кои имаат меѓусебна поврзаност, Академијата е опфатена  во рамки на првата компонента: „Зајакнување на капацитетите на институциите на правдата  за да се донесе правда на транспарентен и одговорен начин/ Понатамошен развој на програмите за почетна и континуирана обука“.

Реализцијата на проектот е ќе се одвива во период од 5 години.

На состанокот, директорот на Академијата ги запозна присутните со структурата и организацијата на Академијата, законските и подзаконските акти. Воедно, детално ги образложи програмите за почетна и континурана обука, осврнувајќи се притоа и на новините кои се воведени сé со цел да се одговори на барањата и потребите на правосудниот систем на Северна Македонија, но истовремено и на судиите и јавните обвинители, како и слушателите на програмите за почетна обука на Академијата.

Проф. д-р Наташа Габер Дамјановска потенцираше дека Академијата за судии и јавни обвинители активно партиципра во проектите на ЕУ кои се насочени кон унапредувањето на владеењето на правото и ефикасноста на правосудниот систем во Северна Македонија, и изрази задоволство што Академијата ќе биде дел од уште еден успешно реализиран проект на ЕУ.