Обука за образложение на кривичните пресуди во рамки на соработката помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Програмата ХЕЛП на Совет на Европа

Денес (06 ноември 2019 година), во хотелот „Холидеј Ин“, Скопје се одржа обука на тема „Образложение на кривичните пресуди“ која ја организира Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во рамките на соработката со Програмата ХЕЛП на Совет на Европа.

Денешната обука претставува воведен настан во курсот на ХЕЛП Програмата на кој покрај презентацијата на методологијата и ресурсите за обука на ХЕЛП изложени од г-а Валентина Боз, претставник од ХЕЛП во Западен балкан, Генерален директорат за човекови права и владеење на правото (GDI) на Совет на Европа, од страна на г-ѓа Мирјана Лазарова Трајковска, поранешен судија на Европскиот суд за човекови права беше изложен опсегот и содржината на образложението на пресудите согласно барањата на Европската конвенција за човекови права. Воедно, судија Габриела Гајдова и Велимир Деловски, национални ХЕЛП тутори се осврнаа на релевантноста на темата, адаптацијата на курсот на македонскиот правен поредок, како и на содржината и техничките аспекти поврзани со начинот на кој ќе биде спроведен овој курс. Настанот со воведно обраќање го отвори директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, која во рамките на своето излагање ја поздрави успешната континуирана соработка помеѓу Академијата и Програмата ХЕЛП, но и го истакна значењето кое оваа Програма на Советот на Европа го има во промоцијата на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во нашата држава.

Во рамките на настанот директорот на Академијата, проф.д-р Габер Дамјановска и претставникот на ХЕЛП во Западен балкан, г-а Боз ги доделија и дипломите на обучувачите кои ја поминаа обуката (ТоТ) за запознавање со Програмата ХЕЛП која беше организирана во месец октомври 2019 година. Преку оваа обука беа вкупно 19 идни обучувачи (тутори), од редот на судиите и јавните обвинители, кои ќе бидат ангажирани при имплементацијата на идните ХЕЛП курсеви и активности во земјата.

Презентациите кои беа користени на денешниот настан можете да ги преземете на следниот линк.

Презентација 1

Презентација 2