Онлајн предавања за европски принципи и стандарди во судските постапки (Demo)

На 9 мај 2022, Академијата за судии и јавни обвинители во рамките на Договорот за соработка потпишан со ДЦАФ Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор го организираше првото од серијата онлајн предавања за слушателите од тековната генерација. Вебинарот беше фокусиран на стандардите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) за посебни истражни мерки во контекст на правото на приватен живот (член 8 од ЕКЧП) и го посетија сите слушатели на Академијата.

Двајцата предавачи со меѓународно искуство (Алеш Залар, поранешен судија и поранешен Министер за правда во Владата на Република Словенија и проф. д-р Сунчана Роксандиќ Видличка од Правниот факултет при Универзитетот во Загреб) ги разгледаа принципите, стандардите и неодамнешната судска практика на ЕСЧП релевантни за примената на посебните истражни мерки, и од академска и од практична гледна точка. Предизвиците што ги носи брзиот развој на технологијата за следење и комуникациите добија широк простор во дискусијата, бидејќи тие директно влијаат на истрагата и гонењето на сериозниот и организираниот криминал, како и на развојот на судската практика.

Темите за следните предавања наменети за слушателите од почетната обука на Академијата се следни (датумите за некои од нив се веќе определени):

  • 16 мај, 10:00-12:00 (онлајн) – Стандарди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) за посебните истражни мерки во контекст на правото на правично судење (член 6 од ЕКЧП)
  • 26 мај, 10:00-12:00 (онлајн) – Употреба на посебни истражни мерки во контекст на заедничките истражни тимови – водење ефективни кривични истраги и земање предвид на потребата за почитување на правата на приватност и правично судење
  • 15 и 16 јуни, 10:00-14:00 (Скопје и Охрид) – Предизвици во спроведувањето на посебните истражни мерки
  • Септември, 10:00-12:00 (онлајн) – Собирање и зачувување на докази во дигитален онлајн контекст
  • Септември, 10:00-12:00 (онлајн) – (Контра)разузнавачките информации како докази во судовите

Детали за секое предавање ќе бидат доставени до слушателите навремено.