Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со Horizontal Facility за Западен Балкан, во просториите на Апелационен суд Штип, денес (30 септември 2026 година) реализираа обука на тема: „ Заштита на честа и угледот во контекст на правото на слобода на изразување од членот 10 од ЕКЧП“.
Обуката беше наменета за судии и стручни соработници од граѓански оддели од апелационо подрачје Штип, истата ја спроведоа: г-н Александар Шопов, судија на Апелационен суд Скопје и г-н Лазар Сандев, адвокат.
Целта на обуката беше да се прикаже продлабочен приказ на односот меѓу заштитата на честа и угледот како аспект на правото на приватен живот од членот 8 од Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП) и слободата на изразување загарантирана со членот 10 од Конвенцијата.
Овој баланс претставува едно од најсложените прашања со кои се соочуваат националните судови, особено во ера кога стратегиските тужби против јавното учество (СЛАПП) стануваат сè почеста алатка за замолчување на новинари, активисти, академици и други учесници во јавниот дискурс.
Преку анализа на стандардите и становиштата на Европскиот суд за човекови права и Препораката CM/Rec(2024)2 на Советот на Европа, учесниците се стекнаа со практични знаења за примена на тестот на пропорционалност, разграничување на фактичките тврдења од вредносните судови, оценување на јавниот интерес и ширината на прифатливата критика, рано препознавање на очигледно неосновани тужби за навреда и клевета, идентификување на обележјата на СЛАПП тужби и разликувањето од легитимните барања за заштита на честа и угледот.

