Во просториите на Апеалционен суд Битола, денес (30 септември 2026 година) се одржа тркалезна маса за „Примена на пробацијата во практиката со посебен акцент на извршување на алтернативните мерки и условниот отпуст“ во организација на Академијата за судии и јавни обвинители.
Тркалезната маса беше наменета за судии, претставници од пробацисите канцеларии од Битолското апелационо подрачје и адвокати, а истата ја спроведоа: д-р Оља Ристова, судија на Апелационен суд Скопје, г-ѓа Билјана Коцевска, судија на Основен кривичен суд Скопје, г-ѓа Дијана Ѓеровска, раководител на Одделение за надзор над извршување на пробациски работа и г-а Весна Матевска, програмска раководителка на Здружение „ХЕРА“, Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Целта на тркалезната маса беше да се разгледа практичната примена на пробацијата, со посебен осврт на извршувањето на алтернативните мерки и условниот отпуст, како и да се отворат прашања и предизвици со кои се соочуваат судиите и пробациските служби во практиката. Посебно внимание беше посветено на примената на условната осуда со заштитен надзор и куќниот затвор со електронски надзор, значењето на пробацискиот извештај и проценката на ризик, како и на можностите за унапредување на координацијата и соработката меѓу надлежните институции.
Од реализацијата на тркалезната маса се очекува да придонесе кон унапредување на практиката во примената и извршувањето на пробациските мерки, преку размена на искуства, споделување добри практики и утврдување насоки за нивна поефикасна и соодветна примена.

