Обука на тема: „Менаџирање на конфликтни и непријатни ситуации“

1000070997

Академијата за судии и јавни обвинители, во просториите на Апелациониот суд Битола, на 8 септември 2026 година, организираше обука на тема „Менаџирање на конфликтни и непријатни ситуации“, наменета за судските и јавнообвинителските службеници од апелационото подрачје Битола.

Обуката ја спроведоа д-р Благица Ваниќ, професорка на Универзитетот Американ колеџ – Скопје, психолог и психотерапевт, и Бранка Дадасовиќ, психолог и семеен психотерапевт.

Во рамките на обуката беа обработени основните принципи и вештини на ефективната комуникација, со посебен акцент на активното слушање, јасното и асертивното изразување, препознавањето на невербалните пораки и комуникацијата во конфликтни и непријатни ситуации. Посебно внимание беше посветено на препознавањето на најчестите пречки во комуникацијата, управувањето со емоциите и сопствените реакции, саморегулацијата и примената на практични техники за намалување на напнатоста и спречување на ескалација на конфликтите.

Преку практични вежби и примери, учесниците имаа можност да ги унапредат своите комуникациски и професионални вештини, да развиваат стратегии за поефикасно справување со стресни ситуации и да ги препознаваат соодветните начини на реагирање во услови на притисок.

Целта на обуката беше унапредување на практичните знаења и вештини на судските и јавнообвинителските службеници за конструктивно разрешување на конфликтите, поефикасно справување со непријатни и стресни ситуации и воспоставување професионална комуникација. Стекнатите знаења и вештини се од особена важност за секојдневното работење во правосудството, бидејќи придонесуваат за подобра меѓусебна соработка, намалување на недоразбирањата и создавање попрофесионална, конструктивна и поддржувачка работна средина.