Академијата за судии и јавни обвинители на 05 мај 2026 година во просториите на Академијата спроведе обука за кривични дела од Кривичниот законик во однос на Истанбуслакта конвенција.
На обуката присуствуваа судии од кривични оддели, јавни обвинители и стручни судски и јавнообвинителски соработници, а истата ја спроведоа: Татјана Дуковска, судија во Врховен суд на Република Северна Македонија и м-р Наташа Гоџоска, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Скопје.
Обуката имаше за цел да ги запознае учесниците со кривичните дела имплементирани во Кривичниот законик, како и измените во постоечките кривични дела, кои се направени заради остварување на обврските на Република Северна Македонија, а кои произлегуваат од ратификацијата на Истанбулската конвенција, преку посебен осврт на кривичните дела Убиство од член 123 став 2 точка 2-а (Фемицид) од КЗ; Осакатување на женски полови органи од член 129-а од КЗ; Демнење од член 144-а од КЗ, Полово вознемирување од член 190-а од КЗ, како и измените воведени во кривичното дело Телесна повреда од член 130 од КЗ и кривичното дело Полов напад и силување од член 186 од КЗ.

На обуката беше даден примарен осврт на значењето и примената на овие кривични дела, нивните карактеристики, како и постапувањето во судската постапка.
Целта на оваа обука беше учесниците подетално да се запознаат со овие релативно нови кривични дела и нивната примена од аспект на јавнообвинителско и судско постапување.
Истанбулска конвенција претставува обврзувачки меѓународен инструмент што воспоставува сеопфатен систем за спречување и сузбивање на насилството врз жените и семејното насилство, заснован на заштита на човековите права и родова еднаквост.
Во рамките на правниот поредок на Северна Македонија, нејзиното значење се огледа во усогласувањето на националното законодавство со европските стандарди, особено преку инкриминација на различни форми на родово базирано насилство во Кривичен законик и уредување на процесните механизми за заштита на жртвите во Закон за кривична постапка.Со оваа конвенција се наметнува обврска за државата да обезбеди ефективна превенција, заштита и гонење, со што семејното насилство се трансформира од приватна сфера во прашање од јавен интерес и кривично-правна заштита.
Сумарно, Конвенцијата има клучна улога во градењето на функционален систем на кривична правда кој обезбедува ефикасна заштита на жртвите и санкционирање на сторителите, во согласност со европските стандарди.

