Академијата организираше обука на тема: „Примената на Законот за јавнообвинителска служба – Од законски одредби до секојдневна практика – предизвици, решенија и иднината на јавнообвинителската служба“

DSC_0444

Академијата за судии и јавни обвинители, денес (20 октомври 2026 година), реализираше обука посветена на примената на Законот за јавнообвинителска служба – Од законски одредби до секојдневна практика – предизвици, решенија и иднината на јавнообвинителската служба.

Обуката беше наменета за јавнообвинителски службеници од сите апелациони подрачја, а истата ја спроведе м-р Маја Петрова, советник за креирање на политики во Одделение за стратешко планирање во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Обуката имаше за цел да придонесе кон унапредување на знаењата и практичните вештини на јавнообвинителските службеници за правилна и доследна примена на Законот за јавнообвинителска служба, со посебен осврт на новите законски решенија, предизвиците во нивната примена и потребата од понатамошно унапредување на организацијата и функционирањето на јавнообвинителската служба.

Преку интерактивен пристап, анализа на практични случаи, работа во групи и размена на професионални искуства, учесниците имаа можност да разгледаат конкретни прашања поврзани со правата, обврските и одговорностите на јавнообвинителските службеници, постапките за вработување и унапредување, мобилноста, кариерниот развој и заштитата на правата од работен однос.

Посебно внимание беше посветено на споредбата на постојните и новите законски решенија, препознавањето на нормативните неусогласености и правните недоречености, како и на можните последици од нивната практична примена.

Во рамките на обуката беше отворена и дискусија за значењето на функционалната анализа на јавните обвинителства како основа за согледување на реалните организациски и кадровски потреби, утврдување на постојните капацитети и компетенции и планирање на идните организациски подобрувања.

Учесниците беа поттикнати активно да придонесат со сопствени искуства, согледувања и конкретни предлози за поефикасна, пофункционална и професионално развиена јавнообвинителска служба.