Академијата за судии и јавни обвинители на 24 април 2026 година, во просториите на Академијата, организираше обука на тема: „Прекршоци против безбедноста во сообраќајот согласно измените на ЗБСП (Safe City)“, која беше наменета за судиите од прекршочните оддели.
Обуката ја спроведоа: Лидија Петровска, судија на Основен кривичен суд Скопје и Снежана Петровиќ-Арсовска, ангажирана во Кабинетот на министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

„Безбеден град„ претставува концепт на користење на технологија и институционална координација за подобрување на јавната безбедност, односно безбедноста во сообраќајот на патиштата. Овој концепт опфаќа: видео надзор, систем за препознавање на регистарски таблички, утврдување на сообраќајни прекршоци, брза реакција на институциите и одговорност на сторителите на сообраќајните прекршоци.
Целта на обуката беше судиите кои постапуваат по овие предмети да се стекнат со сеопфатни практични знаења и вештини поврзани со системот „безбеден град“, преку разбирање на тоа што претставува самиот систем, неговата правна рамка, доказната вредност на записите што ги генерира, заштитата на човековите права со посебен акцент на правото на приватност, како и начинот на водење на судската постапки, при доследна примена на принципите на законитост, заштита на приватност и одговорност.
Академијата ќе продолжи да поддржува ефикасна и практична примена на овој систем преку континуирано унапредување на знаењата и вештините на судиите, со цел обезбедување на правично, ефикасно и современо водење на судските постапки во областа на сообраќајните прекршоци.

