Правосудна делегација од Узбекистан во официјална работна посета на Академијата

2

На 09 ноември 2022 година Академијата за судии и јавни обвинители ја пречека правосудната делегација од Узбекистан која е во дводневна посета на Северна Македонија.

Работната посета се реализира во рамки на соработката помеѓу Академијата, Мисијата на ОБСЕ и ОДИХР во Скопје.

Во просториите на Академијата, директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, ја пречека Делегацијата и пред присутните ја презентираше институција, структурата, организација и нејзината улога во правосудниот систем на Република Северна Македонија. Во рамки на своето излагање директорката на Академијата подетално ги презентираше програмите за почетна и континуирана обука, а се осврна и на специфичностите во однос на начинот и методологијата на кои се спроведуваат овие програми.

 

 

Како одговорна институција, имајќи ја во предвид исклучително важната улога на Академијата во правосудниот систем на Република Северна Македонија, во своето професионално делување Академијата се стреми кон транспарентност и отчетност, во таа насока, директорката на Академијата ја презентираше и новата Веб страна на Академијата.

Веб страната на Академијата е комплетно редизајнирана и надградена со поддршка на ЕУ. Новите поставки нудат полесна манипулација, помодерен интерфејс, поголема содржина и тоа што е најважно, како што истакна директорката на Академијата, се двете нови опции насловени како E-case, која дава можност за преглед на одлуки на ЕСЧП против Република Северна Македонија и опцијата ,,Вкрстено поврзување’’ која дава можност за поврзување на членови од националната легислатива со членови од Европската конвенција за човекови права.  На овој начин ќе биде овозможено полесно пребарување и достапност на судската практика на ЕСЧП. Уште еден важен сегмент на кој се осврна директорката на Академијата е создавање на електронска библиотека која ќе содржи стручна литература во електронска форма до која ќе имаат пристап корисниците на Академијата.

Преку видео врска на денот на пречкот на Делегацијата на Узбекистан, во просториите на Мисијата на ОБСЕ, а во рамки на воведните обраќања, свое поздравно обраќање имаше и заменик директорот на Академијата, судија Илир Исени, кој се осврна на родовата еднаквост во правосудството. Говорејќи на оваа тема, судија Исени истакна дека и покрај тоа што во правосудството, во моментов претседателските функции на Уставниот суд, Врховниот суд, Судскиот совет на Република Северна Македонија им припаѓаат на жени, сепак, потребно е да се преземат многу повеќе активности во насока на подигањето на свеста на јавноста за учеството на жените во креираењето на високите општествени политики и стратегии.

Академијата во содржините на своите програми за континуирана и почетна обука ги опфаќа овие теми, и како институција чија цел е да ги јакне капацитетите на правосудството стоиме на располагање за идни соработки со сите релевантни институции и невладиниот сектор во насока на реализација на активности кои ќе дадат позитивен придонес во однос на родовата димензија. – додаде на крајот од своето обраќање заменик директорот на Академијата.

На работната средба членовите на Делегацијата од Узбекистан имаа можноста да се сретнат и да разменат искуства со избрани судии и јавни обвинители кои се од редовите на почетната обука на Академијата, како и со слушателите на програмата за почетна обука од седмата генерација.

Согласно агендата делегацијата од Узбекистан  ќе оствари посета и на Судскиот совет на РСМ како и на Врховниот суд на РСМ каде во фокус на темата ќе се најде родовата рамноправност и активности кои се прават на ова поле во насока на промоција и подигање на свеста за ова прашање.