Одржан работен состанок помеѓу претставници на ЕИПА од Луксембург и Академијата за судии и јавни обвинители

DSC_0049

Денес (06 декември 2022 година) беше одржан работен состанок помеѓу претставниците на Европскиот институт за јавна администрација (ЕИПА), Луксембург, Juan Diego Ramírez-Cárdenas Díaz и Catherine Warin и в.д. директорот на Академијата, јавен обвинител Бесир Алиу  и член на Управниот одбор, заменикот директорот на Академијата, судија Илир Исени и дел од стручната служба на Академијата за судии и јавни обвинители.

Академијата за судии и јавни обвинители и ЕИПА имаат успешна повеќегодишна соработка во чии рамки се реализирани низа едукативни активности во насока на унапредување на вештините на судиите и јавните обвинители за примена на европската легислатива.

Во таа насока, во фокусот на денешниот состанок беше правото на ЕУ и развивање на нов курикулум за воведување на задожителна обука за правото на ЕУ во рамки на третиот модул од програмата за почетна обука, и реализација на обуки за обучувачи со кои ќе бидат опфатени постојните судии и јавни обвинители кои по завршувањето на овие обуки ќе бидат дел од базенот на обучувачи на Академијата за одредени теми од правото на ЕУ.

Од страна на претставниците на ЕИПА беа презентирани 7 компоненти на курикулумот со кои се опфатени различни правни области, а кои треба да бидат дел од програмите за почетна и континуирана обука на Академијата за 2023 година.

Претставниците на ЕИПА со цел да обезбедат континуитет во едукацијата која ќе ја пружаат обучувачите на Академијата ќе изготват и прирачник чија содржина ќе им биде од помош на истите при понатамошното спроведување на обуките.

 

 

На состанокот беа договорени првичните чекори со кои ќе се дефинира начинот, методологијата и временскиот период во кој ќе се одвиваат обуките. Од страна на претставниците на ЕИПА беше нотиран досегашниот успех на Академијата во спроведувањето на обуки па оттука, нивната улога ќе биде консултативна, и истите се подготвени да и помогнат на Академијата во реализација на содржината на овој курикулум кој доаѓа токму во периодот кога Република Северна Македонија го отвори Поглавјето 23 во преговорите со Европската унија.

Развојот и имплементацијата на овој курикулум претставува нов чекор во соработката помеѓу Европскиот центар за судии и правници при Европскиот институт за јавна администрација, Луксембург и Академијата. Неговата реализација е овозможена со поддршка на Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство на Луксембург во Република Северна Македонија преку проектот за повеќегодишната техничка поддршка „Подготовки за пресретнување на потребите на Поглавје 23 – Јакнење на капацитетите на правосудството“ во 2022 година.