Колку активен треба да биде судијата или судијката во граѓанската постапка? (Demo)

Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ) со средства за унапредување проекти на Министерството за надворешни работи на СР Германија, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија и Центарот за обука во судството и јавното обвинителство на Црна Гора ги дадоа одговорите во едукативниот филм на ИРЗ преку презентација на праксата на судовите во СР Германија.

Во едукативниот филм на тема: Скратување на граѓанската постапка преку нејзино активно раководење и поттикнување на порамнувањето од страна на судијата и на судијката беа и поранешните слушатели на шестата генерација од почетната обука во Академијата, судијката Имране Селмани и јавниот обвинител Дејан Петрески кои пак беа дел од групата на 12 слушатели од шестата генерација кои во ноември 2019 година  остварија студиска посета на Бон каде имаа можност да се запознаат со правосудниот систем на СР Германија и да да ги усовршат своите знаења во однос на европската легислатива.

Студиската посета беше организирана од страна на Академијата во соработка со ИРЗ. Ваква посета беше организирана и за петта генерација на слушателите во почетна обука, а трендот на реализирање студиски посети во европските земји ќе продолжи и во иднина, бидејќи истите се покажаа како исклучително важни за развојот на вештините и знаењата на судиите и јавните обвинители во Северна Македонија.

Имено, во рамките на соработката помеѓу Академијата и ИРЗ се планира студиска посета за слушателите на почетната обука од седмата генерација.

Хармонизацијата на националната легислатива со европската е еден од клучните приоритети кои треба да се исполнат од страна на нашата држава чија цел е интеграција во европското семејство.

Судиите и јавните обвинители се тие од кои во голем дел зависи овој процес, во смисла на доследна имплементација на европските стандарди и почитување на владеењето на правото.

Со цел сето ова да биде успешна приказна Академијата посветува посебно внимание на потребите на постојните судии и јавни обвинители, како и на слушателите на почетната обука по однос на европското право.

Едукативниот филм можете да го погледнете на следниот линк:

https://nextcloud.cine-plus.de/index.php/s/EQ5mL3mCooaHDNS