Директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска оствари работен состанок со претставници на Хелсиншкиот Комитет на Холандија, Free Press Unlimited, претставници на Судско медумскиот совет и Здружението на новинари на Република Македонија

Денес (06 април 2022 година) во просториите на Академијата, директорката на Академијата оствари работен состанок со претставници на Хелсиншкиот Комитет на Холандија, Free Press Unlimited, претставници на Судско медиумскиот совет и претставници на Здружението на новинари.

Работниот состанок се реализираше во рамките на соработката која Академијата ја има со институциите чии претставници беа дел од денешниот состанок, а во фокусот на темата беше унапредувањето на односот помеѓу судиите и новинарите сé со цел да се врати довербата на јавноста во правосудството.

Директорката на Академијата на состанокот ја поздрави оваа инцијатива која вклучува обуки и креирање на модули кои ќе ги третираат релациите помеѓу судиите и јавните обвинители од една страна и новинарите од друга страна. Таа изрази подготвеноста за понатамошна соработка со сите инволвирани партнерски институции во развивање на работни материјали и спроведување на едукативни настани кои нема само да ги опфатат постојните судии и јавни обвинители, туку ќе ги вклучат и слушателите на почетната обука на Академијата.

За претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, кој беше присутен во својство и на претседател на Судско медиумскиот совет  односот помеѓу судството и медиумите во моментов е на солидно нивно. Направени се позитивни исчекори со кои судовите станаа потранспаретни, но се сложи дека постојат уште отворени прашања и дилеми кои треба да се надминат. Потребно е да се изготват и прирачници или водичи кои строго ќе го дефинираат начинот на кој јавноста ќе биде информирана, посебно, кога се работи за кривичниот суд и кога станува збор за високо профилни случаи. Тој подвлече дека е потребно исклучително да се биде внимателен за тоа како се известува јавноста и притоа додаде дека одговорноста за перцепцијата на јавноста е заедничка одговорност на судиите и новинарите.

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, ги презентираше гледиштата на националното истражување кое ЗНМ го спроведе во рамки на соработката со партнерските организации од Холандија. Тој, ги истакна позитивните страни, но исто така ја потенцираше и потребата за поголема отвореност посебно на јавните обвинителства кон новинарите. Потребни се настани за градење на капацитетите и за подобрување на меѓу секторската комуникација, како за правните професионалци така и за новинарите.

Преставникот на новинарите кој е член на Судско-медумски совет, новинарот, Васко Маглешов, додаде дека за да се унапредат овие релации потребно е да се промени свеста кај обвинителите и судиите за значењето што го има јавноста во секоја судска и обвинителска постапка. Потребно е заеднички да се работи на надминување на нелагодноста кај судиите и обвинителите да соработуваат со новинарите и да се воспостави механизам со кој овие односи ќе бидат јасно прецизирани и ќе почиваат на заемен респект.

Претставничката од ЗНМ, Кристина Нацева која воедно е и проектен координатор  се согласи дека одреден напредок е забележан, посебно кај судиите, што не е случај кај јавните обвинители. Таа истакна дека постојат два клучни елемента кога станува збор за креирање на перцепцијата на јавноста во судството, а тоа се доверба и недостиг на комуникација. Судиите и јавните обвинители според неа мора да ја разберат професијата на новинарите, но истовремено и новинарите треба да бидат свесни за позициите на судиите и јавните обвинители, особено, кога се работи за случаи кои се од посебен интерес и под будно око на јавноста.

Претставниците на Холандија ги презентираа своите искуства и посочија неколку позитивни практики кон би можеле да се применат и во Северна Македонија.

Имено јавната обвинителка од Амстердам, Machteld Geertsema која истовремено е и офицер задолжен за односи со јавност, истакна дека односите на јавните обвинители и медумите во Холандија се одлични и дека тие се целосно отврени за соработка со нив. Секако, постојат и ограничувања согласно холандските закони, кога станува збор за сензитивни информации кои во дадениот момент не можат да се споделат со јавноста. Сепак, тие секогаш се обидуваат навремено да ја известат јавноста, a новинарите можат да прашаат се што нив ги интересира, а е од интерес за јавноста по однос на конкретен случај.

Едно од прашањата кое беше покренато е дали треба да бидат објавени сликите на судиите и јавните обвинители на веб страните на институциите? Во Холандија тоа не е дозволено, додека во Северна Македонија новинарите тоа го бараат експлицитно. Оправдувањата на новинарите во Северна Македонија се во насока на тоа дека лицето на судијата е лицето на правдата и вистината и граѓаните имаат право да видат кој ја дели правдата во нивната држава. Според нив, ова е еден од начините за враќање на довербата во судството.

За претставникот на Free Press Unlimited, Неда Јосимовиќ ова се старо-нови прашања кои бараат поголема вклученост и посветеност кон унапредување и имплементација на веќе постојната регулатива во насока на подобрување на овие релации кои се исклучително важни кога се зборува за транспарентност во правосудството.

Проектниот менаџер на Хелсиншкиот комитет од Холандија, Joeri Buhrer Tavanier изрази задоволство што овој состанок резултираше со активна дискусија од сите учесници. Според него, потребни се обуки кои ќе ги опфатат судиите и јавните обвинители, но и новинарите, потребно е унапредување на соработката помеѓу сите инволвирани страни кои треба заедно да ја градат транспарентноста и на тој начин чекор по чекор да ја зајaкнат довербата на граѓаните во правосудството.

Претставничката на Центарот за обука и правосудни студии на Холандија, Anne Tahapary изрази поддршка и отворена можност за понатамошна соработка помеѓу Центарот и Академијата се со цел да се надминат проблемите кои беа идентификувани на овој состанок, а се составен дел од зајакнувањето на односите помеѓу правосудството и новинарите.

Директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, даде целосната поддршка за реализација на активности кои ќе произлезат како потреба и барања на судиите, јавните обвинители и новинарите по однос на оваа тема.