Академијата за судии и јавни обвинители и ИПА Проектот„Поддршка на реформите во правосудниот сектор“ ја реализира обуката за менаџирање на јавните обвинителства 30 јуни 2020 година (Demo)

Денес (30 јуни 2020 година),во хотел „Мериот“, Скопје, Академијата за судии и јавни обвинители во рамки на соработката со ИПА Проектот„Поддршка на реформите во правосудниот сектор“, финансиран од Европската унија ја реализраше  втората обука од циклусот обуки посветени на правосудниот систем на Република Северна Македонија која се однесуваше на менаџирањето со јавните обвинителства. Настанот се следеше и онлајн преку платформата ЗООМ.

На советувањето присуствуваа членови на Советот на јавните обвинители, првите луѓе на јавните обвинителства од сите инстанци, раководните јавнообвинителски службеници, како и претставници на релевантни државни институции.

Настанот го отвори судијата Рајнер Девил, тим лидер на ИПА Проектот кој го изрази своето задволство од големиот интерес за учество на настанот, имајќи ја предвид состојбата на пандемија со која се соочува целиот свет.

Со поздравен говор до присутните се обрати и проф.д-р Наташа Габер Дамјановска, директор на Академијата, која се заблагодари на сите присутни во хотелот „Мериот“, како и на оние кои се вклучија онлајн преку ЗООМ платформата. Директорот на Академијата, истакна дека реализацијата на денешното советување е надоврзување на претходно кое се однесуваше на менаџирањето со судството. Според неа, успешното менаџирање со јавните обвинителства и судовите, подразбира ефикасен и ефективен правосуден систем. Од начинот на кој се управува и менаџира со овие институции зависи колкава ќе биде довербата и каква ќе биде перцепцијата на јавноста за целокупниот правосуден систем. Во таа насока, директорот на Академијата, проф.д-р Габер Дамјановска, упати повик до сите, активно да учествуваат, да ги споделат дилемите и проблемите со кои се соочуваат во рамките на своето секојдневно професионално функционирање. Независни, самостојни и професионални правосудни институции изградени врз високо почитување на човековите права и владеење на правото се врвен приоритет и чекор напред кон европската перспектива на нашата држава.

Претседателот на Советот на јавните обвинители, г. Ацо Колески во своето обраќање до присутните се заблагодари на сите присутни, на Академијата и ИПА Проектот за можноста да се дискутира на една многу значајна тема кој ја засега јавнообвинителската професија. Менаџирањето на јавните обвинителства, посебно денес, претставува вистински предизвик. Процесуирањето на случаите, посебно, оние кои се од голем интерес за јавноста, создаваат и своевиден притисок врз јавните обвинители, кои пак, од своја страна, треба да одолеат на истите, а истовремено да постапат професионално, независно и одговорно. Улогата на шефовите во јавните обвинителства е многу значајна во создавањето на имиџот, но и за тоа за како истите ќе функционираат одвнатре и однадвор. Пристапот до правдата треба да биде еднаков за сите.

На советувањето се обрати и д-р Тодор Витларов,јавен обвинител на Вишо јавно обвинителство Штип кој се осврна на практичниот аспект во начинот на менаџирањето со обвинителствата и неговата улога во гонење на сторителите на кривични дела. За разлика од судовите, каде улогата на претседателот е да менаџира односно да ја организра работата на судовите и не постапува по предмети, во обвинителствата работата се организира по принцип на хиерархија и субординација, и истата има многу специфичности за тоа како треба да се организра работата на обвинителствата, за што има и правилник, а во подготовка е нов правилник според новиот закон за јавното обвинителство- истакна д-р Витларов. Тој во своето излагање се осврна на  два апсекта: првиот се однесуваше на  почитувањето на хиерархијата и субординацијата во обвинителствата, додека вториот аспект го засегаше односот на јавните обвинителства со други институции и органи, сé со една цел да се обезбедат правно релевантни докази кои ќе значат поефикасно спроведување на истрагата и гонење на сторителите на кривичните дела. Она што го пропишува и новиот закон за јавно обвинителство кој стапува на сила денес, е да се почитува принципот на хиерархија и субординација, но притоа да не се загрози самостојноста и одговорноста на секој јавниот обвинител.Во практиката кај некои обвинители се јави различно мислење, сметајќи дека тие се наполно самостојни во извршувањето на својата функција притоа игнорирајќи ја скалата на хиерархија.  Д-р Витларов посочи дека треба да се посвети посебно внимание на хиерархиската поставеност, јавните обвинители да бидат свесни дека тие за својата работа одговараат пред своите претпоставени, и покрај самостојноста која треба да ја зачуваат, но да имаат на ум дека истата таа самостојност треба да биде во рамките на хиерахијата.

Со денешниот настан модерираше д-р Лазар Нанев, претседател на Основниот суд Кавадарци, кој во рамките на своето воведно излагање, ги изложи недостатоците кои се појавуваат во комункацијата помеѓу судовите и јавните обвинителства. Ја истакна важноста на оваа врска, бидејќи таа претставува основа за градење на успешен правосуден систем, кој во себе ќе ги инкорпорира сите современи методи и алатки со кои ќе се унапреди владеењето на правото согласно правото на ЕУ и меѓународната легислатива. Правосудниот систем го сочинуваат сите судии и јавни обвинители, па оттука, менаџирањето со овие институции преставува клучен елемент во ефикасно делење на правдата.