Академијата за судии и јавни обвинители на 7 април 2026 година, во просториите на Академијата, спроведе обука посветена на темата: „Новини во Кривичниот закони во однос на Safe City“ на која учествуваа судии од кривични и прекршочни оддели, како и јавни обвинители од сите апелациони подрачја.
Обуката ја спроведоа: Проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје, Васка Николовска Масевска, судија во Основниот кривичен суд Скопје и Елена Жакула, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.
Со цел зголемување на безбедноста во сферата на сообраќајот, во текот на 2025 година започна со реализација меѓуресорскиот проект “Safe city” кој се одвиваше во неколку сегменти: измена на неколку закони и голем број на подзаконски акти, обезбедување на соодветна техничка инфраструктура и подигнување на свеста кај граѓаните по ова прашање. Со законските измени беше направена јасна дистинција меѓу сообраќајните прекршоци од сообраќајните кривични дела преку измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за прекршоците, Кривичниот законик и други акти.

Во поглед на Кривичниот законик, направена е интервенција во инкриминацијата од чл. 297- а – Безобѕирно управување со моторно возило, законското одредување на казните е ревидирано кај скоро сите сообраќајни кривични дела, а предвидено е и задолжително изрекување на споредната казна забрана за управување со моторно возило, како и мандаторно и факултативно одземање на моторно возило од сторителите на сообраќајни деликти под одредени законски услови, како посебна казненоправна мерка.
Со воведувањето на “Safe city” практично започна и нова ера во безбедноста на сообраќајот. Првите чекори и првите прекршоци кои ги детекира овој систем имаат за цел влијание на општата превенција во областа на безбедноста во сообраќајот, а со самото тоа и да се смени поведението на учесниците во истиот. Имплементацијата на “Safe city” и законските измени кои следеа, претставуваат значаен чекор кон модернизација на правниот систем и подобрување на безбедноста во Македонија. Во оваа насока, а особено имајќи ги во предвид овие новини, се отвараат значајни прашања поврзани со видео снимките од безбедносните камери, нивната правна валидност и употреба во кривичните постапки како докази, верификација на нивната автентичност и временска рамка до кога можат да се чуваат во системот.
Улогата на обвинителството во овој сегмент е од особена важност, бидејќи постои можност за гонење на кривични дела откриени преку системот „Safe City“, во кои постапки ќе бидат користени податоците и обезбедените снимки, па особен акцент е потребно да се стави и на меѓуинституционалната соработка, пред сè помеѓу јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и судовите, а се со цел обезбедување на правилно прибирање, чување и презентирање на доказите добиени преку овие системи, како и нивна соодветна процесна употреба.
Kонкретни предизвици при примената на новите законски решенија предвидени во законските измени во рамки на проектот Безбеден Град (Safe City) со кои се соочуваат судиите кои постапуваат по кривични и прекршочни предмети. Во таа насока, посебен акцент е ставен на правилната квалификација на делата по измените на Кривичниот законик, особено во поглед на разграничувањето меѓу сообраќајните прекршоци и кривичните дела. Прашањата поврзани со задолжителното изрекување на казната забрана на управување со моторно возило согласно новиот член 300-а, условите за одземање на моторно возило во смисла на членот 300-б, како и процесните аспекти на употребата на доказниот материјал обезбеден преку системот Safe City, вклучително и видео-снимките од камерите, нивната правна валидност и постапувањето со нив во текот на кривичната постапка се од особено значење. Посебно внимание е посветено и на интертемпоралната примена на измените во однос на делата сторени пред влегувањето во сила на новите законски решенија. Ефикасното и доследно спроведување на законските измени во рамки на проектот Безбеден Град (Safe City) бара усогласен пристап на сите чинители во правосудниот систем — судиите, јавните обвинители и полицијата — со цел законот да се спроведува во корист на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Слушателите на обуката се запознаа со овие новини, како и со можните импликации кои се очекуваат тие да ги имаат врз судската пракса. Преку интерактивна дискусија и размена на искуства, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења и да ги разгледаат практичните аспектиод примената на новите законски решенија, со што ќе се придонесе за поефикасно и поусогласено постапување во иднина.
Оваа обука се осврна на тема која е исклучително актуелна, што е потврда дека Академијата континуирано ги следи законските новели и навремено ги идентификува потребите на судиите и јавните обвинители. Уште еден показател во оваа насока е и големиот интерес на учесниците што укажува на потребата од континуирана едукација во оваа област. Ваквиот пристап придонесува за јакнење на професионалните капацитети и за унапредување на квалитетот на правосудниот систем.

