Во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители на 13 ноември 2026 година, се одржа еднодневна Специјализирана мултидисциплинарна обука за предмети од областа на животната средина, со партнери од синџирот на кривичното правосудство.
Специјализираната обука се одржува во рамките на проектот „Climate and Environmental Justice Convergence in the Western Balkans“ (CEJ Convergence) – финансирано од AFD, а спроведено од Expertise France, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија.
Методологијата се базираше на практична студија на случај – „Дебар 2026“ (симулација на координативна вежба во реално време за справување со еколошка криза/инцидент) и мултидисциплинарни дискусии, со цел зајакнување на меѓусебното разбирање на институционалните улоги, подобрување на механизмите за координација и зголемување на ефикасноста на одговорите на прекршоците во животната средина.

Таа беше наменета за судии, јавни обвинители и претставници на релевантни институции (Министерство за внатрешни работи; Министерство за животна средина и просторно планирање; Центар за управување со кризи; Дирекција за заштита и спасување; Државен инспекторат за животна средина, како и невладини организации), кои професионално постапуваат во случаи поврзани со заштитата на животната средина и еколошката правда.
На отворањето на настанот поздравно обраќање имаше г-н Арбен Лила, тим-лидер на проектот CEJ Convergence, а обуката ја спроведе експертски тим кој го сочинуваа: г-ѓа Жоел Касанова, јавен обвинител/ експерт на проектот CEJ Convergence од Националната школа за магистрати (ENM) од Франција, г-н Илир Исени, судија/ Академија за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, и г-н Артан Крома, судија во Основниот суд во Улцињ, Црна Гора/ Центар за обуки во судството и државното обвинителство на Црна Гора.
Претпладневниот дел започна со практичната симулациски вежба – „Дебар 2026“, заснована на хипотетички еколошки инцидент преку која учесниците имаа можност да ги разгледаат различните фази на институционално постапување. Во првата фаза акцентот беше ставен на откривањето на инцидентот, истрагата и првичната реакција, по што следуваше разгледување на итното постапување и управување со кризна состојба. Посебно внимание беше посветено на влијанието на еколошкиот инцидент, управувањето со доказите и институционалната одговорност. Преку сценариото, учесниците ги анализираа надлежностите, обврските и меѓусебната координација на институциите во различните фази од постапувањето.

Во попладневниот дел, симулациската вежба продолжи со следење на судскиот процес од перспектива на целиот синџир на кривична правда, при што беа опфатени фазите на истрагата, обвинителското постапување, судското рочиште и донесување пресуда. На овој начин, учесниците имаа можност практично да ги поврзат претходно разгледаните постапки и да ја согледаат важноста на континуираната соработка меѓу надлежните институции, почнувајќи од откривањето и документирањето на еколошкиот инцидент, преку обезбедувањето докази и гонењето, се до судското одлучување.
Обуката заврши со заедничка анализа на спроведените симулации, извлекување заклучоци и завршни обраќања на експертскиот тим. Во дискусијата беа сумирани клучните предизвици и можностите за унапредување на институционалното постапување во случаии поврзани со еколошкиот криминал.
Практичната вежба, која во ваков формат за прв пат беше спроведена во Академијата за судии и јавни обвинители, ја потврди потребата од навремена размена на информации, ефикасно управување со доказите, јасно утврдени институционални одговорности и координирано дејствување на сите чинители во синџирот на еколошката правда. Во таа насока, Академијата ќе продолжи со спроведување на обуки заради зајакнување на професионалните капацитети и меѓуинституционалната соработка кои претставуваат клучни предуслови за поефикасно откривање, гонење и судско разрешување на случаиите на повреда на животната средина, а со тоа и за поефикасна заштита на животната средина и владеење на правото.

