Академијата за судии и јавни обвинители на 3 април 2026 година организираше обука на тема: „Анализа на доказни средства во кривичната постапка, искази на сведоци, оштетени и вештаци, како и спротивни вештачења“, која беше наменета за судии од кривични оддели и јавни обвинители од сите апелациони подрачја.
Обуката беше спроведена од страна на Зоран Димитриевски, судија на Врховен суд на Репбулика Северна Македонија и Анита Поп Методиева, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Штип.
Целта на обуката беше зајакнување на професионалните капацитети на учесниците за донесување аргументирани, законити и правилни одлуки, преку унапредување на нивните знаења и вештини за анализа и оценка на доказните средства во кривичната постапка.

Во рамки на обуката, посебно внимание беше посветено на примената на принципот на законитост при прибирање и користење на доказите, како и на нивната релевантност и веродостојност. Се разработуваа прашања поврзани со оценката на исказите на сведоци, оштетени лица и вештаци, како и методологијата за постапување во случаи на спротивставени вештачења. Преку примери од судската пракса учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења и да разменат искуства од секојдневната професионална работа, со што дополнително се зајакнува и човечката димензија на правдата како вредност што се гради преку стручност, интегритет и одговорност.
Со реализцијата на оваа обука, Академијата за судии и јавни обвинители ја потврди својата стратешка определба за континуирано јакнење на стручните капацитети на правосудните кадри, преку систематска и практично ориентирана едукација.

