Симулација на судење на предмети од областа на азилот (Demo)

Македонското здружение на млади правници во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија на ден 03.12.2020 година одржа симулација на судење за предмет од областа на азилот преку дигитална платформа. По претходна подготовка на даден случај, слушателите на Академијата беа поделени во три групи и тоа група во улога на тужител, група во улога на тужен и група во улога на судиите кои ја спроведоа симулацијата на судење согласно новиот Закон за управни спорови.

Правото на азил, посебно, во време на пандемија како што е во моментов глобалната здравствена криза предизвикана од КОВИД 19 доби огромно винмание во светот па оттука, овој настан се реализира во вистинско време.

Целта на оваа симулација беше разработување и доближување на материјата на меѓународна заштита на идните судии кои преку дадениот случај се стекнаа со искуство за тоа како се спроведува постапката за азил во Северна Македонија, ги изведоа клучните поенти во однос на критериумите за добивање меѓународна заштита и употребата на домашната и меѓународната регулатива релевантна за оваа материја. По симулацијата на усна расправа, учесниците од Академија донесоа пресуда за случајот која потоа беше предмет на дискусија од присутните. На настанот земаа учество претставници од Управниот суд и Вишиот управен суд на Северна Македонија, Секторот за азил при МВР и Канцеларијата на Високиот Комесар за бегалци при ОН во Скопје.“

Со воведно обраќање на присутните им се обрати: претседателот на Вишиот управен суд, Исмета Амет, како и претставници од МЗМП и Канцеларијата на УНХЦР во Скопје.

Во насока на навремена подготовка на учесниците за овој настан, од страна на МЗМП беше изготвен и Водич кој меѓудругото го содржеше и решението донесено од Секторот за азил врз кое треба да се засноваат наводите на тужбата и одговорот на тужбата, секако,  согласно новиот Закон за управни спорови.

Како посебни извори со цел продлабочување на знаењата кои беа од полза на учеснциите беа посочени: Законот за меѓународна и привремена заштита, Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година на Обединетите нации и нејзиниот Протокол од 1967 година, Конвенција за правата на детето на ОН, Европската конвенција за човекови права, кратка презентација за азил од Европскиот суд за човекови права и Збирка пресуди од ЕСЧП со коментар.

Во продолжение се неколку web страници на кои може да се најдат извештаи за земја на потекло на барателот на азил и други податоци, кои беа наведени во Водичот кој им беше доставен на учесениците:

 https://www.easo.europa.eu/ ; https://www.refworld.org ; https://www.unicef.org/ ; https://www.hrw.org/ ; https://www.ohchr.org/EN/pages/home.aspx