Во рамки на своите предвидени активности кои се во согласност со Каталогот на обуки за 2025 година, Академијата на 28 октомври 2025 година организираше обука на тема: „Заштита на лични податоци и правото на приватност во онлајн просторот“, која се одржа во просториите на Академијата.
Обуката ја спроведоа Едита Насковска, судија од Управен суд, Игор Кузевски, експерт за заштита на лични податоци и Мануела Станоевска Стоилковска, експерт за заштита на лични податоци, а на истата учествуваа судии и јавни обвинители од сите судови и јавни обвинителства во РСМ, како и претставници од Агенцијата за заштита на лични податоци.

Обуката се фокусираше на основните начела и стандарди за заштита на правото на лични податоци се со цел истите да се практицираат од страна на судовите и обвинителствата во нашиот правосуден систем. Преку дефинирање на правото на заштита на лични податоци во меѓународните документи се обезбедува правната заштита, се истакнува правото на приватност личен и семеен живот, но и заштита на лични податоци, потребата од Лисабонскиот договор и воспоставените начела со GDPR и acquis на ЕУ. Преку студии на случаи беше истакната важноста од судска заштита во управен спор и Европската судска пракса преку шресуди на Европскиот суд за човекови права и Европскиот суд на правдата од сферата на предавањето.
Во текот на обуката беа прецизирани улогите на сите чинители на системот на заштита на личните податоци: улогата и надлежностите на Агенцијата за заштита на личните податоци како надзорен орган; улогата, одговорностите и обврските на контролорите и обработувачите; улогата, положбата и работите кои ги врши на офицерот за заштита на личните податоци; обврските на судовите и обвинителствата како контролори на лични податаоци; како и правата на субјектите на личните податоци. Понатаму, Законот за заштита на личните податоци беше образложен преку начелото на отчетност кое ги опфаќа сите постулати на заштита на личните податоци.
Воедно, во текот на обуката беше образложена и важноста на безбедноста на обработката на личните податоци, особено заштитата на личните податоци во дигиталниот простор. Обуката го стави фокусот на воспоставувањето на систем за заштита на личните податоци кој се темели на анализа/проценка на ризиците при обработката на личните податоци, потребата од донесување на соодветна документација и имлпементација на техничките и организациски мерки за безбедност на обработката на личните податоци со акцент на заштита во он лајн просторот, како и тековно проверување и ревидирање на воспоставениот систем на заштита на личните податоци.
Генералниот заклучок беше дека оваа обука ги исполни целите поради кои беше истата организирана.

