Академијата реализираше обука за зајакнување на вештините за деескалација, решавање конфликти и управување со стресот

20261120_101810

Академијата за судии и јавни обвинители на 20 ноември 2026 година, во просториите на Апелационен суд Скопје, се одржа обука на тема „Техники за деескалација, решавање на конфликти и управување со стрес“, наменета за судските и јавнообвинителските службеници.

Обуката ја спроведоа м-р Лилјана Пецова-Илиеска, сертифициран обучувач за возрасни и експерт во областа на јавните политики, институционалниот развој, дигиталното управување и човековите права при „Центар за интернет, развој и добро управување“ – ИМПЕТУС, и м-р Билјана Пешова, индивидуален терапевт и тренер во Центарот за едукација, психотерапија, психо-дијагностика и советување „Советувалиште за хумана соработка“.

Целта на обуката беше зајакнување на професионалните вештини на учесниците за справување со напнати ситуации во секојдневното работење, во комуникацијата со странките и во соработката со колегите, преку примена на соодветни техники за деескалација, конструктивно решавање конфликти и ефективно управување со стресот.

Во рамките на обуката беа обработени теми поврзани со препознавањето на стресот и неговите предизвикувачи, разбирањето на сопствените реакции во ситуации на притисок, како и разликувањето на конструктивниот од деструктивниот конфликт. Посебен акцент беше ставен на препознавањето на позитивната улога на аргументираното несогласување, активното слушање без прекинување на соговорникот и јасното изразување на потребите и професионалните граници.

Преку практични примери, интерактивни вежби и анализа на ситуации од работната средина, учесниците имаа можност да се запознаат и да ги применат техниките за намалување на напнатоста, водење разговори во конфликтни ситуации и договарање конкретни следни чекори во рамките на своите овластувања.

Посебно внимание беше посветено на поттикнувањето промислено и професионално постапување, заемно почитување и конструктивна соработка, како и на навременото препознавање на потребата од поддршка и соодветни организациски мерки за намалување на работниот стрес.

Со реализацијата на оваа обука, Академијата продолжува да придонесува кон унапредување на професионалните и комуникациските компетенции на судските и јавнообвинителските службеници, поттикнувајќи професионална работна средина заснована на почитување, соработка и ефикасно справување со предизвиците.