РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА „Понатамошни едукативни приоритети, цели и предизвици на правосудните академии“ 26 ноември 2021 година, хотел „DoubleTree by Hilton“, Скопје (Demo)

На 26 ноември 2021 година, по повод одбележувањето на 15 години од постоењето на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија се одржа Регионална конференција под наслов: „Понатамошни едукативни приоритети, цели и предизвици на правосудните академии “ , во хотел DoubleTree by Hilton на која присуствуваа претставниците на институциите за правосудна обука од регионот, ЕНМ Франција, ЕИПА Луксембруг, ЕРА Германија, како и претставници на Совет на Европа, Програмата ХЕЛП при Совет на Европа и претставници на АИРЕ Центарот од Лондон.

Оваа регионална конференција ја постигна својата цел и ги собра преставниците од разни институции за правосудна обука за да се анализираат сегашните состојби во областа на спроведувањето на обуки за правосудствoто, но истовремено и да се разменат искуства и да се дадат конкретни сугестии и идеи за понатамошните перспективи и развој на едукацијата во правосудството.

 

 

Регионалната конференција со поздравно обраќање до присутните ја отвори директорот на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, која изрази огромна благодарност до сите присутни што ја прифатија поканата и пристигнаа во Скопје, со што потврдија дека Академијата во изминатите 15 години растела и се развивала во вистинската насока. Минатото ја изгради Академијата во респектабилна институција, а тоа во голем дел се должи и на поддршката која Академијата ја добива во континуитет од странските партнери и поддржувачи на нејзината работа за што директорот на Академијата упати благодарност до сите странски поддржувачи во изминатите 15 години. Според проф. Габер Дамјановска, соработката помеѓу институциите за спроведување на правосудна обука, континуирана и почетна,  е од огромно значење, бидејќи на тој начин полесно ќе се идентификуваат и надминат недостатоците, а воедно ќе се понудат позитивни примери и решенија со кои би се поставиле поефикасни стратешки цели и насоки по кои ќе се движат овие институции во иднина.

 

 

Таа исто така го потенцираше значењето на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на ЕСЧП во јакнењето на капацитетите на судиите и јавните обвинители, истовремено истакна дека е од огромна важност за земјите кои се аспиранти за влез во ЕУ да се запознаат со Европското право и праксата на Европскиот суд на правдата. Воедно,  се осврна и на процесот на дигитализација на правосудството како еден од клучните приоритети во реформите на правосудниот систем на Северна Македонија. За директорот на Академијата на Северна Македонија заедничката култура, т.н. soft skills, менаџирањето со судовите, создавањето на регионална дата база за правни експерти, правосудна етика и креирање на модули за судиите и јавните обвинители на регионално ниво се дел од активностите на кои институциите од регионот треба да работат во иднина. Проф. д-р Наташа Габер Дамјановска изрази благодарност и до Мисијата на ОБСЕ, ГИЗ и УНХЦР за долгогодишна успешна соработка и за нивната поддршка и помош во организирањето на оваа регионална конференција и за свечениот настан кој ќе се одржи на 1 декември 2021 година.

За г-ѓа Билјана Брајтвајт, програмската директорка за Западен Балкан, АИРЕ Центар од Лондон, соработката помеѓу институциите за правосудна обука е многу важна за унапредувањето на вештините и знаењата на судиите и јавните обвинители, па таа во рамки на своето излагање ги презентираше инцијативите на АИРЕ Центарот во областа на правосудството кои се отворени за земјите од регионот. Според г-ѓа Брајтвајт за напредокот и развојот на овие институции секако е важна и поддршка од меѓународен фактор, за што АИРЕ Центар ќе продолжи и во иднина да работи на подобрување на квалитетот и ефикасноста на процесот на спроведување на обуки во правосудството.

Судијата од Република Франција која говореше во име на Државната правосудна академија на Република Франција ЕНМ, г-ѓа Фредeрик Дубост ја нагласи потребата од соработка помеѓу институциите на правосудна обука посебно во областа на транспарентноста во судството што претставува европски стандард кон кој треба да се стремат сите земји чии аспирации се влез во ЕУ но истовремено и сите земји членки на ЕУ. Таа исто така говореше и за судење во разумен рок кое треба да преставува критериум по кој треба да се оценува работата на судиите, но истовремено посочи дека не треба да се заборават и други важни теми како што е борбата против корупцијата. Република Франција и Академијата за судиите и јавни обвинители на Северна Македонија соработуваат од моментот на нејзиното основање, всушност Академијата e основана по примерот на ЕНМ, па оттука, Република Франција и во иднина ќе ја поддржува Академијата во нејзиниот понатамошен развој. – додаде за крај г-ѓа Дубост.

 

 

Претставникот на Европската комисија- DG Just, одделение за општо кривично право и правосудна обука, г. Војчех Постулски, ја претстави стратегијата na EK под наслов: „Ensuring justice 2021-2024-  European judicial training strategy “ , а веднаш потоа поконкретно ги образложи трите важни сегменти на кои се базираше концептот на оваа конференција, при што појасни дека постои еден едукативен приоритет: „изградете култура која ќе го почитува владеењето на правото, променете го начинот на размислување и на однесување на судиите и јавните обвинители “; една цел: „ефикасна трансмисија на пошироката ЕУ експертиза“ и еден предзвик: „бидете повеќе фокусирани на потребите отколку на парите на донаторите“. Тој исто така ги повика сите присутни да се вклучат во Програмата за правосудна обука на ЕК и да ги добијат привилегиите кои веќе ги добија Албанија и Црна Гора со потпишувањето на Договорот со ЕК за следење на оваа програма.

Долгогодишниот директор на ЕИПА, г. Петер Голдшмит, во фокусот на идните приоритети ја стави дигитализацијата на правосудството која глобално преставува нова реалност. Споделувајќи го богатото искуство на EIPA во спроведувaњето на обуки тој акцентот го стави на темите поврзани со доброто владеење на правото на ЕУ и различните правни алатки кои се на располагање во различните правосудни системи. Според г. Голдшмит обуките не значат само трансфер на знаења туку и на искуства па согласно на тоа потребено е добро да се идентификуваат потребите на правните професионалци и да се изгради ефикасна стратегија која ќе ги пресретне овие потреби.

Директорот на Европската мрежа за правосудна ЕЈТН, г. Маркус Брукнер го презентираше начинот на кој функционира оваа мрежа и ги појасни програмите кои стојат на располагање за сите правни професионалци. ЕЈТН е респектабилен и доверлив партнер во Регионот, Академијата е дел од оваа мрежа и има улога на набљудувач, но сепак, таа е активен партнер, со 65 судии и јавни обвинители кои биле дел од програмите на ЕЈТН, истакна директорот Брукнер. Поради состојбата со пандемијата во 2021 година немаше можност за реализација на студиските посети и семинари со физичко присуство кои ги организира ЕЈТН, но тој изрази надеж дека веќе во 2022 година овие можности повторно ќе бидат отворени и успешно ќе завршат.

Претставничките на СоЕ, г-ѓа Лејла Дервишагиќ, оперативна ракoводителка на Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје и г-ѓа Ана Медарска Лазова, заменик шефица на ХЕЛП оддел, Директорат за општи човекови права и владеење на правото го презентираа Советот на Европа и неговите активности во регионот, програмите и соработките кои ги имаат воспоставено со институциите за спроведување на правосудна обука, помеѓу кои е и Академијата на Северна Македонија. Во изминатиот период ХЕЛП Програмата на СоЕ се покажа како исклучително интересна за земјите од Западен Балкан и курсевите кои беа организирани во рамките на ХЕЛП беа многу посетувани. Во иднина во фокус на СоЕ, како што нагласија двете претставнички кои одделно се обратија на регионалната конференција,  ќе бидат теми како што се слободата на изразување,  човековите права, борбата против корупција, азил и т.н. И двете ја потврдија заложбата на СоЕ за понатамошна соработка со  Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, но и со сите други институции кои се задолжени за правосудна обука.

Директорот на EРА, г. Жан Филипе Ражеад, ја искористи приликата да го појасни отсуството на EРА во регионот во последните неколку години, но тој истакна дека EРА усвоила нова стратегија со која ќе се зајакне повторно присуството на ERA во регионот, а се со цел да пружи помош и поддршка во областа на спроведувањето на обуки во правосудството. „Ќе научиме како работите и ќе ги идентификуваме вашите потреби“- додаде директорот на ЕРА. Тој за крај ги повика сите да се вклучат и да ја следат програмата за обука на Европската комисија и да ги користат придобивките кои им ги нуди ЕУ во насока на градење поефикасен правосуден систем

г. Слободан Шариќ, проектен менаџер и национален координатор во земјата, Отворен регионален фонд за Југоисточна европа- правна реформа- ГИЗ, се согласи со сите претходни говорници дека соработката помеѓу институциите за правосудна обука е многу важна. Тој во своето обраќање се осврна на активностите кои се реализирани во рамките на ГИЗ, идните активности кои се предвидени и исто така во центарот на вниманието на присутните ги ставите темите како што се родовата еднаквост и системите за учење на далечина кои треба во претстојниот период да добијат на важност при креирањето на модулите за обуки на судиите и јавните обвинители.

Втората сесија која беше посветена на целите и приоритетите на академиите во регионот ја модерираше заменик директорот на Академијата, судија Илир Исени кој се заблагодари на сите присутните што ја прифатија поканата на Академијата.

 

 

Претставниците на институциите за правосудна обука од регионот ги претставија своите институции, го презентираат начинот на кој тие се организирани и како функционираат. Воедно, ги изложија своите секојдневни предизвици со кои се соочуваат,  но ги идентификуваат и идните  со кои ќе се соочат во периодот кој претстои.

Заеднички заклучок на сите присутни беше дека проактивна и силна соработка помеѓу институциите за спроведување на обуки во правосудството е исклучително важна во осигурувањето на владеењето на правото и ефикасно испорачана правда и правичност. Исто така, сите се согласија дека меѓународната соработка и поддршка е битен сегмент во растењето и развојот на овие институции посебно кога е во прашање имплементацијата на легислативата на Европската унија, стандардите и препораките.